Гурманите потврдија, велешката пастрмалија највкусна во Македонија
Над 70 илјади граѓани од сите краеви на државата, изминативе три дена дојдоа во Велес и присуствуваа на традиционалната манифестација „Велешка питијада“. Се бараше место повеќе на штандовите на рестораните и винариите поставени долж главната улица Благој Ѓорев. Гостите не пропуштија да го пробаат велешкиот специјалитет и да го залијат со чаша вино. Според официјалните бројки, на тридневната питијада, се изеле рекордни 76.260 пити пастрмалии, а се испиле повеќе од 17.300 литри вино. Организаторите велат дека годинешната манифестација е досега најуспешно организирана и нај посетена.
„Голема благодарност сакам да изразам кон вработените на ЈКП Дервен, волонтерите, медиумите, но најголема благодарност сепак упатувам до граѓаните на Велес кои имаа разбирање и трпение за се она што се случуваше изминативе три дена. Охрабрува фактот што и покрај многубројните активности и огромниот број на граѓани, гости, посетители, не се случи ниту еден инцидент. Се помина во најдобар ред и покрај обидот да се бојкотира манифестацијата од одредена категорија на граѓани,изнесувајќи дезинформации на социјалните мрежи од типот дека гостите учесници нема да дојдат и сл. Оваа манифестација е не градот и е традиционална и таква ќе остане“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
И годинава атракција на манифестацијата беше џиновската пита пастрмајлија. Пита мајсторите уште еднаш покажаа дека се подготвени да рушат рекорди и од година во година да ги зголемуваат сантиметрите на питата. Џиновската пита годинава беше направена од 40 килограми тесто, 50 килограми месо и 580 јајца. Таа беше долга 3,70 метри и широка еден метар и со својата големина предизвика огромно внимание кај најмладите посетители на Питијадата.
За добрата забава на фестивалот на питата и виното се погрижија врвни музички имиња и групи кои со своите настапи предизвикаа еуфорија кај публиката. Се чини дека саботата вечерта манифестацијата ја доживеа својата кулминација кога илјадници граѓани, млади и стари се забавуваа со хитовите на српската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ.
Вљубениците на рок музиката пак во неделата вечерта уживаа со песните на легендрарниот бенд Ван Гог. Забавата траеше до раните утрински часови а фановите со задоволство и неуморно го пратеа фронтменот на бендот.
Даниела Саздова