„Цивил“ го промовира проектот за изборен мониторинг во Велес
На непосредни средби со претставници на политички партии и новинари Невладината „Цивил“ ги промовира двата проекти „Набљудуваме“ и „Напред“. Нивната цел е поврзување со изборниот мониторинг и подигнување на свеста кај граѓаните да гласаат според сопствена волја и убедување, без да трпат каков било притисок.
Од граѓанската организација ги охрабруваат граѓаните да се вклучат во мониторинг на изборниот процес и да ги откриваат и пријавуваат сите аномалии и нерегуларности за време на изборите. Истовремено им нудат можност да ги пријават сите кршења на гласачкото право.
„Се обидуваме да ги информираме граѓаните во непосредни средби за целите на проектот односно да мобилизираме што повеќе граѓани копи ќе сакаат да бидат вклучени во изборниот мониторинг. Оние граѓани што ќе изразат желба да се вклуичат во изборниот мониторинг ќе бидат вклучени во едукации и работилници и ќе ги добијат сите потребни информации како треба да се однесуваат и како да ги препознаат и откријат нерегуларностите за време на изборниот процес“, рече Моника Талеска, Цивил.
Иако се уште е видлив стравот кај граѓаните, сепак, од ден во ден се поголем е бројот на оние кои се охрабруваат и го кажуваат проблемот или притисокот со кој се соочуваат. Од „Цивил“ се надеваат дека како што се наближуваат изборите така и храброста кај граѓаните ќе се зголемува и на тој начин ќе придонесат да се создадат услови за фер, демократски и слободни избори.
Вакви средби „Цивил“ ќе одржи во сите градови низ државата./Д.С