Велешко Теќе – маало до Којник
(Веселба на Теќе во 1919 година)
Пишува: Стоилко Андреевски
На стрмниот дел од десната страна на Велес, во продолжение на маалото Којник, се наоѓа месноста „Теќе“. Таму до 1919 -1920 година постоела само поголема рамнина на која единствено се наоѓал муслимански верски објект, теќе. Тоа било вакавско место на кое се собирало турското население за обреди на верски празници. Но, муслиманското население по Првата светска војна и доаѓањето на власт на СХС , масовно се исселило од Велес во Турција. Просторот веднаш како стратешко место, тогашната војска го искористила за да изгради касарна. Било урнато теќето и во касарната била сместена митролеската чета и коњаницата.
(Поглед од Теќе кон Велес во 1944 година)
Според кажувања на постарите велешани за време на Втората светска војна , во 1941 година кога германските авиони го бомбардирале Велес, во одбрана на градот учествувала митролеската чета. Тогаш покрај на Теќе митролески чети имало и кај црквите „Свети Спас“, „Свети Пантелејмон“ и на железничката станица. Постојат документи во кои пишува дека војниците од составот на митролеската чета поставена кај „Свети Спас“ успеале да соборат два германски авиони што не им успеало на другите митролески војници од останатите чети.
(Велешани на излет на Теќе)
По капитулацијата на стара Југославија и окупацијата на Македонија од бугарската и германската војска во касарната на Теќе имало стационирано митролеска чета и коњаница, на новите окупатори. Војниот објект составен од коњушница, куќа за војниците и амбуланта, постоеле се до педесеттите години на минатиот век во веќе ослободен Велес. Тогаш, во новата држава – Југославија, се случила голема миграција од село во град за што во Велес започнала изградба на голем број нови куќи.
(Куќата во чело на улицата е изградена на местото на амбулантата во поранешниот воен објект на Теќе)
Единствената куќа на широчинката на Теќе, која им служела на војниците, тогашната општинска власт ја доделила на свој вработен што се викал Раде. Потоа во 1952 година, од правецот на маалото Којник, почнале да се градат првите куќи. За неполни десетина години се изградиле педесетина куќи чии сопственици претходно живееле во други маала на Велес или се доселиле од велешките села. Така се создало маалото Теќе.
Меѓу првите што изградил куќа , веднаш до касарна било семејството на Мино и Ружа Минови. Куќата подоцна од нив ја купиле Ѓоре и Нада Димови со синовите Тоше и Коле. До нив куќа изградиле Киро и Пандора Настови, со синот Ѓоше, па Петре со синот Марјан и ќерката Нона, а до нив биле Тодор и Роса Питиќови со синовите Душан и Благој и ќерката Донка, па Ангел и Галаба Ингилизови со синот Тоше и ќерки те Весна и Снежа. На самиот крај на Теќе , куќа изградиле Благој и Грозда Кимови со синот Димче, а до нив Ангел и Иванка Уневи со синовите Петре и Коле, потоа таму куќа изградил и Муто Хусеинов со синовите Хеко и Емин. Редот на куќи во оваа маало продолжува со домовите на Ангел и Васа Чучукови со синот Тоше како и на Ацо и Слоботка Ацеви со синовите Слободан и Зоран.
На врвот на Теќе, на местото каде што претходно било военото штало за коњи, куќа изградиле Пенчо и Марија Шојлеви со синовите Веле и Орце и ќерката Нада, Шеко и Асија Мустафови со синовите Сукарно и Мендерес и ќерката Индира, потоа Круме и Фила со синовите Раде и Миле, па Трајче и Ружа Костови со синот Благој и ќерките Вера и Силвана. На широчинката во продолжение сопствена куќа изградиле Љубе и Злата Саздови со синот Пере и ќерката Зорица, па Киро и Благојка Панови со синот Бранко и ќерките Пала и Марија, потоа Јордан и Трајанка Јаричкови со синот Петре и ќерката Менка.
(Споредна улица на Теќе)
На другата страна од улицата живееле Мита Зафирова со синот Бошко и снаата Анѓа со ќерките Сузана и Весна, па Коле и Лепа Бабунски со ќерките Марија и Пандорка, а до нив Трајко Николов со синот Бранко и снаата Цена , сестра му Благојка,внукот Трајче и внуката Нена. Во маалото исто така живееле Ѓуко и Николина Зафирови со синовите Ѓоше и Трајче, потоа Орце и Марика Николови со синот Николче, па Киро и Љупка Николови со синот Јованче и ќерката Наташа. До нив биле Иле и Олга Камењарови со синот Љупче и ќерките Марија и Весна, па Шоре и Анѓа со ќерката Виолета, потоа Петре и Грозда Тодорови со ќерката Стојна, а до нив живееле Тодор и Грозда Чочкови со синовите Димче и Петре и ќерките Нена и Донка. Таму се наоѓала и куќата на Ване и Ника Миови со синот Димче и ќерката Олгица.
Со излез на главната улица се наоѓа куќата на Ванчо и Вера Астарџиеви со ќерките Фиданка и Македонка додека од другата страна живеат Ристо и Донка Давчеви со синот Ване и ќерките Пала и Каролина, потоа Ристе Шескокалов со синот и ќерката, а до нив се наоѓа куќата на Никола и Горица Давчеви со синовите Димче и Пенчо и ќерката Слободанка.
На Теќе куќа изградиле уште Ристе и Даница Јованови со син Јовче и ќерка Славица, Петре и Павлина со син Киро, Грозда Јованова со синот Баже и ќерки те Слоботка и Ивка, Киро и Цвета Нецинови со синовите Орце и Ладе, Киро Шопов со синовите Орце и Бранко и ќерката Менка, Симо и Виолета Николови со синовите Игор и Горан, Коле и Стојна Николови со синот Зоран, Благој Чочков со ќерките.
(Влез на Теќе од кај поранешно Радио Велес)
Во маалото Теќе се влегува од Којник и уште од две страни, од Карпа Маале и од улицата над поранешното Радио Велес.