Утре почнува фестивалот на пити и вино во Велес
Во наредните три дена Велес ќе живее во ритамот на народниот и забавниот мелос и со вкусот на традиционалната пита пастрмајлија и виното. Од утре стартува тринаесеттото издание на фестивалот на пити и вино „Питијада 2016“. Триесетина производители на пити и винарии, со своите производи, ќе ги услужуваат велешани и гостите. Тие веќе ги поставуваат штандовите на улицата пред Гимназијата поради што е сменет и сообраќајниот режим во градот. Се поставува и сцената на која од утревечер ќе настапат бројни музички имиња и групи.
„Очекуваме овој гастрономски фестивал да биде најпосетен досега. Угостителите веќе се подготвени да ги пречекаат сите гости што ќе дојдат во нашиот град. Покрај традиционалната пита пастрмајлија и доброто вино ќе имаме и богата музичка програма за овие три дена. Советот донесе и одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти. За прв пат имаме и една новина, ќе бидат поставени олдтајмери по барање на љубителите на стари автомобили кои ќе бидат поставени од Авона до првиот штанд“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Редарските служби веќе се организирани и тие ќе ги пречекуваат и насочуваат гостите каде да се движат и да ги паркираат своите автомобили.
Традиционално и годинава ќе биде презентирана големата пита која според најавите треба да биде долга 4 метри и широка еден метар.
Официјално Питијадата започнува утре во 18 часот со настапот на Елена Велевска. Веднаш по неа ќе настапат Јордан Митев и Маестро, ансамблот Љубојна и Џамбо Агушев, а на крај гостите ќе ги забавува Каролина Гочева. На вториот ден од фестивалот ќе настапат Антонија Гиговска, Мики Секуловски, Наташа Малинкова, Дани Димитровска, Тропико бенд и Жељко Јоксимовиќ. На сцената на крај ќе се појават групите, Нокаут, ДНК, Eue cue, The chiks, и Ван Гог./Д.С