Фондација „Фокус“ годинава и помогна на студентката Розета М од Велес при упис на факултет
Деветнаесет годишната велешанка Розета М, студент на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, ќе ја користи годинава финансиската поддршка за упис на факултет од Фондација за локален развој и демократија „Фокус“. Во средата на 28 септември, одлуката ја донесе тричлена Комисија за доделување на паричните средства собрани во хуманитарната акција за помош на студент од социјално немоќно семејство. Фондацијата ја состави комисијата од граѓани на Велес, поранешни професори и граѓански активист.
Според претседателот на Комисијата Бранислав Панов, професор по музичко образование во пензија, сите тројца членови донеле едногласна одлука. Тој заедно со членовите на комисијата Божидар Јовиќ, поранешен професор и општински инспектор за образование во пензија како и Страхил Тодоров, доктор на медицина и граѓански активист, ги разгледале пристигнатите документи на две кандидатки на јавниот повик на Фондација „Фокус“ и одлучиле годинава финансиската помош во висина од 12 илјади денари да ја добие студентката Розета М.
– Донесовме едногласна одлука. Се одлучивме за кандидатката Розета М поради континуирано повисокиот успех, постигнат во четирите години во средното образование. И посакуваме така да продолжи и на високото образование. Очекуваме по четири години да не информира дека Велес добил уште еден дипломиран филолог, рече Бранислав Панов.
Од Фондација „Фокус“ велат дека хуманитарната акција за собирање на парична помош за упис на студент од социјално немоќно семејство ја организираат по четврти пат. Задоволни се што и овој пат успеаја да помогнат на солиден ученик и на неговото семејство.
– И честитаме на избраната студентка. Во оваа прилика ќе кажам дека активностите за собирање на финансиските сретства Фокус ги спроведува во текот на целата година. Граѓаните во Велес имаат можност да донираат во касичките поставени во Алфа маркетите и во хотел Романтик. Исто така сите граѓани континуирано можат да уплаќаат сретства на жиро сметката 300000081648 на Фондот за поддршка на Фокус во Комерцијална банка. Ни причинува задоволство што и годинава помогнавме на еден студент да го започне своето високо образование и се надеваме дека Фондацијата вгодина ќе успее да поддржи двајца студенти на кои помошта ќе им биде добредојдена, рече координаторот на хуманитарната акција Даниела Ковиловска.
Таа и тимот на Фокус велат дека ќе ги продолжат хуманитарните активности со зголемен интензитет и потсетуваат дека касите за собирање на паричните сретства и понатаму се наоѓаат во хотелот „Романтик“ и во “Алфа маркетите“ па во нив е добредојден секој денар на велешани.
Од Фондацијата информираа дека вчера го потпишале договорот со студентката Розета и денеска на нејзината трансакциска сметка ги уплатиле потребните 6.245 денари за првиот додека на почетокот на вториот семестар ќе ги уплатат преостанатите сретства на жиро сметката на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип./У.Ј