Се креира национална база за лица со посебни потреби во Македонија
Во Македонија сеуште не постои конкретна бројка на лица со посебни потреби. Тоа им создава проблеми како на државата така и на семејствата во кои живеат граѓани од оваа категорија. Проблемот започна да го решава Ресурсниот центар со седиште во Скопје кој креира национална база на податоци за лицата со посебни потреби во Македонија. Станува збор за граѓанско здружение кое има за цел да создаде дата база, да ја искреира статистичката слика и да ги мапира состојбите и потребите на лицата со посебни потреби во државата.
– Затоа сме тука во Велес, на оваа средба со родителите на лица со посебни потреби на која се присутни и стручни лица поточно волонтери. Националната база на податоци ја создаваме преку попишување поточно прашалник составен од општи прашања потоа прашања поврзани со дијагностика,методи и третмани или потешкотии со кои се соочуваат семејствата на деца со посебни потреби. На овој начин ќе добиеме слика за нивните потреби. По формирањето на базата ние ќе имаме слика каде ќе треба да делуваме и да ги надминуваме недостатоците што реално ним им преставуваат проблеми, рече регионалниот координатот Горица Поповска Налеска.
Сега, додека ја создава дата базата,Ресурсниот центар користи помош од државните институции. Него го помагаат Центрите за социјални работи. Бидејќи станува збор за гломазна и комплексна операција се предвидува дека овој проект ќе заврши на крајот на наредната, 2017 година.
Од креираната база на податоци полза ќе треба да имаат пред се лицата со посебни потреби, вели Поповска Налеска. Тогаш на располагање на нивните семејствата ќе им бидат ставени психолошка, правна, педагошка или помош од дефектолози и логопеди. Ресурсниот центар има голем број стручни лица кои доброволно волонтираат и тоа од разни области. Психолозите ќе даваат потребна психолошка помош, дефектолозите и логопедите стручна помош во делот на подобрување на психофизичката состојба додека правниците ќе им помагаат на родителите доколку имаат проблеми со постоечката законска регулатива.
– Ги запознавме родителите во Велес со одредени законски права исто така и со остварување на одредени права. Ние соработуваме со Асоцијацијата на правници па доколку постои дискриминација или прекршување на одредено родителско право Сервисниот центар е тука да ги застапува и брани правата на родителите на деца со посебни потреби. Целта ни е да дадеме информации и да помагаме на родителите доколку имаат потреби од здравство, социјална заштита, правна заштита, образование итн, рече Поповска Налеска.
Ресурсниот центар со канцеларија во Скопје постои две години и е финансиран од УНИЦЕФ. Од лани во реализацијата на овој проект, освен двајцата национални, вклучи и тројца регионални координатори со цел да ги покрие сите општини во државава. Центарот со семејствата контактира и преку интернет на мејл адресата resursencentar.mk и преку фејсбук затворената група Posebni roditeli во која засега има 800 членови.
Убавка Јаневска