Општина Велес продолжува со делење канти за отпад на домаќинствата
По една канта за отпад во зелена боја добија десетина семејства кои живеат на раскрсницата на која се спојуваат улиците Кочо Рацин и Архиепископ Михаил во Велес. Овие семејства општината ги задолжи со реверс, а добија и упатство за користење. Локалните власти истовремено ќе поделат уште 800 канти во жолта боја на оние домаќинства кои веќе имаат зелени канти. Оваа акција има за цел да ја искорени навиката кај граѓаните отпадот во најлонски кеси да го оставаат пред домовите и на улиците.
„На овој начин сакаме да престане фрлањето на отпад во најлонски кеси надвор и да не се создава нечистотија во градот. Секако ќе апелираме до граѓаните што ги имаат добиено да ги користат совесно, да ги одржуваат и да ги изнесуваат во деновите кога Јавното комунално претпријатие го собира. Секое домаќинство што има платено за вода, ќе добие и реверс за користење на кантата за отпад“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Годинава општината планира да подели 1.100 канти за отпад , а за три години треба да добие секое семејство во градот. Со оваа акција општината има намера, во догледно време да ги исфрли од употреба големите контејнери по улиците за да се зачува хигиената на ниво. Стандардизирани канти за отпад ќе се делат на 15 улици низ градот меѓу кои Љубен Весов, Васа Кошулчева, Панко Брашнар АСНОМ, Крсте Мисирков и други.
„Со овие канти се олеснува работата а олеснителна околност е и за самите граѓани бидејќи во една канта можат да се внесат повеќе кесиња. Сега се скратува можноста да се изнесуваат кесиња со отпад надвор на улиците кои се подложни на кинење од страна на животните“, рече директорот на ЈКП Дервен Фиданчо Цветковски.
Од минатата година досега канти за отпад добиле 2.200 семејства и трговски објекти во Велес. Првите подземни контејнери ќе бидат вградени следната година, најавија од општината./Д.С