Креативни македонски рачни изработки презентирани во Љубљана
Со позитивни искуства се стекнаа дванаесетте жени Креативки од Вардарскиот регион на тридневната студиска посета во Љубљана, Република Словенија. Креативките од Велес, Свети Николе, Чашка и Неготино имаа можност да видат како тамошните креативни жени изработуваат производи, обезбедуваат конкурентност на пазарот и заработуваат. Сместени во строгиот центар на Љубљана продавниците за рачни изработки „Три мухе“ и „Ика“ беа домаќини на македонските креативни жени. Во нив има најразлични предмети и производи создадени од вештите раце на десетици жени кои живеат во различни градови во Словенија. Дел од креативните производи во „Три мухе“, се изработени од материјали, што претходно, на граѓански организации им ги донирале граѓани, фирми и јавни институции во словенечката метропола. Така наместо во отпад материјалите завршиле кај граѓански организации кои ангажираат вешти жени за создавање на нови креативни производи. Во оваа продавница има креативни производи на жени од над триесеттина земји во светот.
– Особено ми беше значајно што дознав како и нашите македонски производи можат да го изодат патот до Словенија и да се најдат во оваа продавница, рече Јагода Николовска.
– Со особено внимание ги разгледав сите изложени креативни предмети и добив идеи за моите нови креативни изработки, рече Злата Коцева.
На изложбените полици во продавницата „Ика“ има разни парчиња накит, украсни предмети, чанти, па дури и гардероба, изработени од вештите раце на словенечките жени. Македонските Креативки не ја пропуштија можноста да прашаат од што се изработени предметите, а посебен интерес покажаа за впечатливата амбалажа која предизвикуваше големо внимание.
– Пакувањето на рачните изработки е многу значајна работа. Овде открив неколку нови работи што морам да ги практикувам. Се разбира дека јас ке размислам за нов облик, нов начин, ќе внесам свои декорации за да оставам белег пред купувачите на моите креативни производи, рече Сузица Панова.
Словенечката невладина организација „Сметумет“ која исто така се занимава со изработка на најразлични предмети од рециклиран материјал беше следната дестинација на македонските Креативки. Ним граѓанска активистка им ја раскажа приказната за работата на „Сметумет“ додека во тој момент други активисти изработуваа рачни ветерници, вртелешки, за потребите на градот Љубљана по повод еколошка манифестација што набргу ќе се случува. Ветерниците или вртелешките од рециклиран материјал се наменети за граѓаните што ќе дојдат на настани организирани од општината Љубљана. Во дворот пред канцелариите на „Сметумед“ се одвиваше и процес на сликање на уметнички дела на церади што како билборди ќе бидат поставени низ Љубљана.
Жените Креативки од Македонија, исто така, го посетија и словенечкиот град Камник кој е познат по производство на керамички садови. Во атеље со име „Хиша Керамике“ сликарката Марица Птичар ја раскажа приказната на создавање на брендот „мајолика“. Станува збор за најпознатиот словенечки бокал со заштитниот знак на градот кој тие го цртаат и бојат уште на ќупови и вазни, шолови и други предмети за домаќинство. Потоа Креативките посетија и продавници за рачно изработени креативни производи од рециклиран материјал и за органска храна. Тие во првата продавница „Рецикларница“ разгледаа производи создадени од материјали кои не завршиле во отпад и во втората се запознаа со можноста за создавање производство на здрава храна. Во туристичка агенција во градот Камник ја слушнаа приказната за производството на сирење во бачилата на Велика планина под која се наоѓа градот. Станува збор за приказна која Камник го прави интересна туристичка дестинација во Словенија бидејќи се организираат планинарски тури со посета на бачилата на Велика планина. Домаќинка на посетата на Креативките во Камник беше Ирена Тонин од Развојниот центар на граѓанската организација „Срце Словеније“ која поттикнува жени да изработуваат креативни производи во Република Словенија.
Дванаесетте жени Креативки се учеснички во проектот „Економско зајакнување на жената од Вардарскиот регион“ што во изминатите дваесет и седум месеци во Македонија го спроведуваа Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ од Велес и ИРД од Љубљана, Словенија. Проектот го финансираше словенечкото министертсво за надворешни работи.
(Вања Вардјан и Емилија Солева Вардјан)
(Секретарот на Министерството за надворешни работи на Словенија,Матјаз Флорјанц Лукан)
Секретарот на министерството, Матјаз Флорјанц Лукан, присуствуваше на изложбата што Креативките од Македонија ја поставија во просториите на Македонското културно друштво во Љубљана. Креативните рачно изработени предмети ги воодушевија присутните гости. Изложбата ја отворија Лукан и претседателот на МКД Словенија, Вања Вардјан познат словенечки новинар. Организатор на изложбата беше МКД во Љубљана и сликарката Емилија Солева Вардјан.
Убавка Јаневска