„Зошто?“ ги прашува велешани, градоначалникот и институциите уметникот Перовски
Во поинаква и помалку невообичаена форма, ликовниот уметник Спасе Перовски од Велес го реализира своето најново уметничко дело насловено како ЗОШТО. Тој на неколку локации во градот, но претежно во Младинскиот парк им поставува прашања на граѓаните за поединецот и неговото делување во заедницата како и прашања од областа на уметноста и културата. Ги забележува нивните одговори. Дел од прашањата Перовски упатува и до институциите во градот и државата како и до градоначалникот на Велес. Неговата првична замисла била да постави огласна табла во Младинскиот парк на која тој ќе ги поставува прашањата. Но локалните власти негативно одговориле на неговото барање па решил како објект за свој уметнички израз да користи разни локации во градот.
„ Градоначалникот и општината за жал не ми дозволијка да поставам огласна табла која што практично требаше да биде објект на кој што јас ќе ги поставувам прашањата во Младински парк, и тоа практично ќе придонесеше за еден полн израз на уметничкото. Но тоа не значи дека тие ќе ме спречат да го реализирам ова уметничко дело. Најпрво на граѓаните им беше чудно но кога ќе ги прочитаат прашањата им станува јасно бидејќи тие се универзални и имаат за цел да ја споделат личноста со заедницата. Ова е една форма на партиципативно дело и секој може да земе учество со одговор на прашањето што јас го поставувам. Прашањата се однесуваат на целото општество, пред се за граѓаните на Велес, за градоначалникот, за локалните, државните институции и пошироко. Прашањата опфаќаат широк контекст на однесување на граѓаните како поединци во општеството но и самото општеството“, рече Перовски.
Тој додаде дека откако деновиве прашањата ги поставуваше на начин што беа закачени на градските Јавори, сега, десеттина дена секојдневно во 18.30 часот ќе ги остава на клупите за седење во Младински парк. Потоа ќе им поставува прашања на велешани на други локации што ќе ги најавува. Одговорите на прашањата ќе ги евидентира како и своите ставови и размислувања а потоа ќе ги подготви и ќе ги издаде во книга, за која се надева дека ќе излезе на почетокот на 2017 година.
Инаку овој проект е продолжение на претходните уметнички дела на Перовски како што се Црв, Добредојде дома, Социолошко делување надвор од кругот. Со ова авторско дело Перовски заокружува еден творечки период од својот живот, поврзан со различен начин на размислување.
Даниела Саздова