Велешани се гневни на сечењето дрвја во градот, реагираат екологистите од „Вила Зора“
Велешките екологисти се против соголувањето на зелените површини во градот и најостро се спротивставуваат на масовното сечење дрвjа што деновиве се прави на повеќе површини низ градот. Со вакво протестно писмо до медиумите излезе Еколошкото друштво „Вила Зора“ откако вчера и во изминатите неколку дена, револтирани граѓани реагирале во нивната канцеларија за масовната сеча. Во текот на вчерашниот ден граѓани се пожалиле дека дрва се сечат во паркот пред Здравствениот дом, а неодамна и покрај пругата Велес-Битола кај Нова населба.
„Нашите препораки до надлежните институции се да се сечат само стари дрвца и дрва кои се опасност за околината, а одговорноста за она што се случува е на оние кои дале наредба и ја извршиле сечата, кои меѓудругото се платени да го чуваат и одржуваат јавното зеленило“, стои во протестното писмо на ЕД Вила Зора.
Екологистите будно ќе ја следат состојбата со сечата на дрва во градот. Тие најавуваат и активен отпор доколку како што велат се продолжи со насилството врз зелените површини.
Даниела Саздова