Поради загаденост велешани не смеат да пијат вода од природните чешми и бунари
Неисправна за пиење е водата од речиси сите природни чешми кои се наоѓаат на територијата на Велес и околните населени места. Ова го покажуваат резултатите од последните испитувања на водите што во јули годинава ги направи службата на Центарот за јавно здравје.
Според резултатите, бактериолошки неисправни се водите од природната чешма кај црквата Св. Пантелејмон, чешмата лоцирана на Градскиот стадион, на улицата Вера Циривири, таканаречената Петрова чешма, потоа водите од природните чешми во селата Горно Оризари и Караслари. Бактериолошки неисправни се и водите од природните чешми во село Црквино, чешмата кај црквичето Св. Никола и кај параклисот Св. Ана.
Не е за пиење ниту водата од природните чешми на улиците Тодор Јанев, Љубљанска и Орце Мартинов, а бактериолошки неисправна е водата и на природната чешма кај Чука, Пашин мост и кај Превалец.
Кај дел од овие природни чешми, водата освен бактериолошки е и хемиски неисправна. Не може да се користи ниту водата од приватните бунари, стои во извештајот на Центарот.
Според извештајот на Центарот за јавно здравје исправна за пиење е само водата од градскиот водовод како и од водоводот кај манастирот Св. Димитрија и водоводот во село Караслари.
Од Центарот велат дека водата од природната чешма кај Башино Село е со променлив квалитет иако од таму голем број велешани се снабдуваат со вода за пиење./Д.С