Велешките основни и средни училишта должат над 850 илјади евра, тврдат социјалдемократите
Бројот на ученици континуирано се намалува а основните и средните училишта во градот се гушат во долгови, констатираа велешките социјалдемократи. За вода, струја, нафта, транспорт, превозни услуги и други трошоци училиштата должат повеќе од 850 илјади евра, тврдат од СДСМ.
„Не може да има 18 милиони евра за Панорамско тркало во Скопје а училиштата во Велес да должат речиси милион евра. За ВМРО ДПМНЕ образованието не е приоритет. По демократските промени на 11 декември, новата одговорна влада предводена од СДСМ ќе ги промени приоритетите, ќе инвестира во образованието и преку системски мерки ќе воведе европско образование во Македонија“, рече секретарот на СДСМ Велес, Марјанчо Јорданов.
Виновни за намалувањето на бројот на ученици во градот, според социјалдемократите се погрешните политики на ВМРО ДПМНЕ поради кои младите ја напуштаат државата. Тие соопштија дека за разлика од пред десет години кога бројот на запишани средношколци изнесувал над илјада, годинава се запишале само 450./Д.С