Институт за трансфузиона медицина: При итна постапка пациентот може да биде примен во кој било работен ден во неделата
Откако пред три месеци, пациентите и матичните лекари во градот го актуелизираа проблемот со недостиг на лекар трансфузиолог во одделот за Трансфузиологија во Велес, со став и дообјаснување се јави и Заводот за Трансфузиологија во Скопје. Во писменото соопштение што го испратија до Дума, пишува дека при потреба од итна постапка пациентот може да биде примен во кој било работен ден во неделата. Додека пак во деновите кога докторот специјалист е ангажиран во амбулантата за потребите на крводарителите, се испрака лекар од другите станици на Институтот за трансфузиона медицина.
Во соопштението исто така е наведено дека одредувањето на анализи кај пациенти кои имаат потреба од орална антикоагулантна терапија, според стандардите на Светската здравствена организација се врши на секои 4 до 6 недели и осум недели кај хронични болни. Додека пак кај пациенти со иницијално испитување анализи се прават на 10 до 15 дена.
Од први јули годинава одделот за Трансфузиологија во Велес со пациентите работи само два пати неделно, во вторник и во четврток. Во останатите денови единствениот лекар трансфузиолог работи со крводарителите. Пациентите кои имаат потреба од честа проверка на факторот на коагулација на крвта велат дека еден лекар не е доволен а Институтот во Скопје иако знаел дека е потребен најмалку уште еден лекар, не вработувал туку праќал од соседните градови. Пациентите се жалат дека честопати се нашле во ситуација медицинскиот персонал од амбулантата, по телефон да ги информира за префрлање на терминот за наредниот ден затоа што лекарот едноставно не можел да стигне да прегледа по педесетина пациенти.
Дека е потребен уште најмалку еден лекар во одделот за трансфузиологија во Велес констатирале и општите лекари во приватните амбуланти. Претседателката на Здружението на приватни лекари д-р Лили Чолакова Дервишова вели дека има потреба од секојдневна работа на трансфузиолог во велешката амбуланта затоа што се поголем е бројот на пациенти со стентови и со кардијални аритмии на кои им е потребна честа проверка на факторот на коагулација на крвта. Таа со апел до здравствените власти да овозможат и во Велес пациентите да имаат редовни и квалитетни услуги./Д.С