Велешани собираат помош за настраданите во поплавите
Со цел да им го олеснат животот во субстандардни услови, да им помогнат на граѓаните во подрачјата погодени од силното невреме во саботата што ги зафати скопскиот и тетовскиот регион, велешани и денеска носат донации и ја покажуваат својата хуманост на отворените штандови во градот.
Во Велес се собрани поголеми количини на вода и храна. На штандот лоциран на главната градска улица „Благој Ѓорев“ пред влезот во ресторанот „Булевар“ или поранешен „Панини“ постојано се носат намирници. Таму вработените од општината ги примаат граѓанските донации. Штандот денеска ќе биде отворен до 21 часот за да може да се прифати сечиј доброволен прилог.
Според првичните проценки граѓаните пожелно е да подаруваат и облека, ќебиња, постелнини. Потребни се бебешка храна, памперс, влажни марамчиња и други производи за нега на мали деца. Од храна можат да се донираат полуготови јадења и конзерви.
Овој штанд ќе биде отворен и во текот на утрешниот ден.
Исто така, штанд за собирање на доброволните граѓански донации има и пред синдикалната зграда, спроти стоковна куќа, во центарот на Велес. Го отвори Општинската организација на СДСМ. И таму, вечерва до 21 часот, можат да се оставаат граѓански донации.
Доколку можат пожелно е граѓаните да бидат хумани и да донираат на телефон со повикување на бројот 143-400 од сите мрежи во земјата.
Убавка Јаневска