Стари жители на месноста „Солено чешмиче“ во Велес според хроничарот Левков
„Не мал број на стари семејства, кој некогаш живееле во „Солено чешмиче“ не се забележани во вашиот текст посветен на старите велешки семејства од овој дел на градот. Со цел тие да не бидат заборавени ви ги пишувам сограѓаните на кои јас се сеќавам и давам свој придонес кон вашата иницијатива да забележите што поголем број на граѓани, настани и случувања од стар Велес,“ ни пиша велешкиот хроничар, фотографот Боре Левков. Тој е роден и живее на „Солено чешмиче“ месност во градот што се наоѓа околу поранешната фабрика за ќумци и глинени производи на познатото семејство Левкови.
Неговиот список на сограѓани, кои се родиле, живееле или сеуште живеат таму почнува од сокачето, лево, над гранапот на широчинката на „Солено чешмиче“ каде се наоѓаше куќата на семејството Чамбови. Во неа живееја Андон и Магда со синовите Коло и Мете и ќерките Вера и Нада. Подолу беа Менкаџиеви. Таму се наоѓаше домот на Каме и Магда Саздови со синовите Тоше, Томе и Ѓоко како и на Ристо и Цена Богатинови со ќерките Вера и Мира а до нив беа Ѓорѓи и Вера со синовите Ацо- Штркот и Боро.
„Под фабриката на Левкови живееше семејството Димови, на Панче Мрсното, потоа Борис и Дара Дејанови со ќерката Иванка па касапот Ило и Ленче Цареви со ќерките Слободанка и Стојна, па Брезеви, Недеви, Лазо Тодоров со синот Тошо, а негови синови пак се Лазе и Тале. Таму живееја и Ѓоре и Вида со ќерките, па Лефко и Вера со синот Љубе и ќерката Верче, потоа Ката Кавадарката со син Тошо и ќерка Вера и до нив куќата на Манчеви која подоцна ја купи семејството Мишеви-Павлови. Во неа живееа Тоде и Маре Павлови со синовите Мишо и Петре и ќерките Благојка , Лена и Снежа, а тука беше и баба Руса во чии што двор имаше бунар со солена вода. Таа куќа порано била на Сури.
Во сокачето се наоѓала и куќата на Милисав Дртлиев со синовите Миле и Златко и ќерките Горица, Јола и Весела. До нив живееја Златко и Иванка со синот Баже и ќерките Снежана, Сунчица и Русанка, а погоре од нив Ангел и Елена Данови со синот Боро и ќерките Босилка и Ефка. Над нив пак Миле, лебарот, со сопругата Павлина и ќерката Лена и Весна. Куќата подоцна ја купилја Пецо и Љупка Анѓушеви.
Погоре од нив живееја Милан и Маца Никушеви со син Душан, неговата сопруга Верка – шнајдерката со синот Миле и ќерката Благојка и семејството на грнчарот Ѓорѓи со сопругата Павлина Левкови со синовите Живко, Николче и Димче како и внуците Боре,Киро, Ане и Јосе. Таму дом имале и Дојчо и Перса со синот Чедо армоникашот, па Дико Јосифов и Јосе Јосифов-актерот, па Боше со родителите, потоа фамилијата на Стојан и Дара , на Илија теникиџијата со синот Тоше и ќерките како и Љубе со ќерката Веса и синот Благој. Во овој дел на маалото живееја уште Димко и Донка со синот Љубе и ќерките Бажа, Дона и Паца, потоа Трајче и Анѓа Ангелови со синовите Ристе и Пецо и ќерката Лила, па Ладе терзијата со жена му Ацка со ќерките Данче и Јасмина. Тие куќата ја купиле од Ѓоре и Цвета уште во 1941 година. Во во сокакот, исто така, живеело и семејство од селото Дреново, а пред нив Петре и Павлина, потоа Миле лебарот, Ѓеле и Рада – бабицата како и Тоде“, пишува во писмото на дограѓанинот Боре Левков.
Стоилко Андреевски