Производителите на пченица во велешко не ја даваат за 6 денари по килограм
Производителите на лебно жито од велешко не знаат што да прават со годинешниот род. Жетвата е при крај, а количините на пченица нема кој да го откупи. Мелничарите, како и секоја година, ги уценувааат земјоделците и за килограм квалитетна пченица нудат само шест денари. Производителите не само што се збунети туку и не знаат што да прават со пченицата. Со понудената цена не можат да ги покријат ниту основните трошоци.
„Навистина не знам што да правам. Имам 50 тони пченица. Немам каде да ја чувам, а за шест денари не им ја давам на мелничарите. Доста беше да живеат на наша мака. Ако се најде некој сточар ќе му ја дадам за осум па и седум денари но, никако нема да ја дадам на мелничарите“, рече производител од Стари Град.
„Навистина е жално. Годинава кога произведовме количина далеку над очекуваната да нема никој да ни ја откупи. Ни велеа сеете поголеми површини, а сега што да правиме со родот. Нека се скапува но за шест денари нема да ја дадам. Со лаги не може да се работи никаде па ни во земјоделството. Годинава имав 60 хектари од кои ожнеав над 20 тони пченица , а за оваа есен, богами, ќе помислам дали и еден хектар ќе посеам“, вели производител од Оризари.
Немал број производители лебното жито им го продаваат на сточарите како добиточна храна. Велат дека подобро добитокот да ја јаде отколку да скапе во амбарите. Тие посебно се револтирани на мелничарите и велат дека и покрај тоа што сакаат да ја откупат пченицата по шест денари во ниту еден момент не најавуваат дека ќе ја намалат цената на лебот.
Инаку годинава во општините Велес, Градско и Чашка под пченица беа посеани околу 4.000 хектари од кои се планира да се ожнеат над 12.000 тони пченица.
Стоилко Андреевски