Велешките домаќинки ја отворија сезоната на сукање јуфки и подготвување на тарана
Велешанката Ѓурѓа скоро пет децении го подготвува традиционалниот македонски специјалитет јуфки. Таа сука кори, уште од детска возраст. Тогаш како помошничка на своите мајка и баба а потоа како домаќинка во семејството што го формирала. Секоја година, помеѓу двата христијански празници голема и мала Богородица, се сукаат јуфки рече тетка Ѓурѓа, денеска, откако во својот двор ги спружи корите во количина што на нејзиното семејство му е доволна за наредната зима. И го соопшти својот рецепт на подготовка на тесто за сукање на јуфки.
„Јас подготвувам најчесто тесто за сукање на триесет кори. Замесувам 5 килограми на брашно со 30 јајца и еден литар пресно млеко. Тестото добро го изработувам. Потоа од него измесувам триесет топчиња и почнувам да ги сукам корите. На почетокот ставам поголема количина на брашно а потоа ја рассукувам кората до големина која овозможува да не се скине тестото. Со сукалото ги пренесувам на чаршавите и ги оставам на сонце додека сосема не распукаат,“ рече Ѓурѓа.
Потоа корите се сушат на сонце до вечер и се собираат во чаршавите. Пожелно е да се печат на сонце уште неколку дена а потоа да се соберат во платнена памучна вреќичка и да се чуваат на суво место. Вака подготвените јуфки можат да се користат се додека не се истрошат значи и повеќе од една календарска година.
Велешките домаќинки исто така подготвуваат и тарана, тестени зрна, кои во зима ги варат заедно со парчиња искинат сув леб. Тетка Ѓурѓа рече дека најдобара е тараната подготвена на дрмоњ.
„За подготовка на една доза тарана јас замесувам тесто од десет јајца, две кила брашно, едно кило млеко и четиристотини грама гриз. Тестото треба да биде меко за да дозволува да се трие на дрмоњот. Како се трие така од долната страна на дрмоњот излегуваат делови од него што наликуваат на поголеми лебни трошки. Не станува збор за некаква голема филозофија. Ако неколку пати ви помогне жена што подготвувала тарана потоа е лесно сами да ја сработите,“ рече Ѓурѓа.
Традиционалното подготвување на овие два производа деновиве ќе се случи во скоро сите велешки дворови на старите домаќинки. Помладите жени ќе добијат уште една можност да гледаат и да помагаат. Така најдобро се усовршува подготовката,на крајот, советуваше тетка Ѓурѓа.
Убавка Јаневска