Велешките претпријатија не знаат како да се заштитат од нелојална конкуренција
Малите, микро и средни претпријатија во Велес па и оние поголемите не знаат како да се заштитат од нелојалната конкуренција на пазарот. Тие се соочуваат со конкуренција но не знаат кој е органот кој може може да ги заштити од неа. Ова се резултатите од испитувањата што ги спроведе Фондацијата за локален развој и демократија Фокус во соработка со Македонскиот центар за европско образование меѓу педесетина фирми во Велес.
Токму затоа тие го изработија водичот според кој претпријатијата но и потрошувачите можат да ги остварат своите права и да ја избегнат нелојалната конкуренција. Целта на заштитата од нелојална конкуренција се крајните потрошувачи, да им се овозможат ниски цени и да имаат широк избор на производи.
„Спроведовме прашалник на повеќе од педесетина микро, мали и средни претпријатија и беа испитани од областана на нелојалната конкуренција првично дали се запознати со поимот нелојална конкуренција, потоа дали се запознати со органот кој што ја нуди заштитата како и постапката и правозаштитините средтсва. Испитаниците кажаа дека се соочуваат со нелојална конкуренција дека постои но дека не го познаваат органот кој што ја нуди заштитата не се запознати на кој начин би можеле да се заштитат и токму заради тоа изработивме водич со кој би можеле да ги осварат своите права“, рече Сања Јорданова од Фондација Фокус.
Водичот за улогата на комисијата за заштита на конкуренција денеска беше промовиран пред велешани во просториите на Фондација Фокус.
„ Главна цел на оваа брошура е промоција на она што значи заштита на интересите на граѓаните односно како граѓаните и претпријатијата можат да ги остварат своите права пред комисијата за заштита на конкуренција со цел да се добие фер и конкурентен пазар и во крајна линија да се овозможат вистински и правилни цени за граѓаните во Велес“, рече Дијана Жупаноска од Македонски центар за европско образование.
Водичот е изработен во рамки на проектот Трансфер на знаења на политиките на ЕУ за намалување на разликите меѓу граѓанските организации од скопскиот и другите плански региони. Финансиран е од ЦИВИКА МОБИЛИТАС.
Даниела Саздова