Оригинална фотографија од 1908 година со знамето на зарзаватчискиот еснаф во Велес
Уште една интересна фотографија деновиве откривме во едно велешко семејство. Таа потекнува од 1908 година и на неа е прикажано знамето на зарзаватчиите од Велес направено во знак на благодарност кон Уриетот и доаѓањето на власт на младотурските револуционери.
Оваа фотографијата ја добивме од велешанецот Миле Паунов кој ја раскажа приказната за двете велешанки , за неговата баба Рајна Паунова и нејзината другарка, везачки во Велес кои во знак на благодарност за големите промени во тогашното Турското царство со срма го извезиле знамето што било подарено од името на здружението на Зарзаватчиите од Велес.
Тогаш, по прогласување на УРИЕТОТ, голема прослава се одржала и во Велес. Претседателот на здружението бил Диме Паунов, сопруг на Рајна. Тој прв го зел знамето и заедно со останатите зарзаватчии и бавчаванџии го носеле по улиците на Велес за потоа да биде одржан и собир на градското пазариште. Диме Паунов говорел на собирот за донесените слободарски закони на Младотурците.
На знамето во горниот дел се извезени букви на старотурски јазик додека во долниот дел на црковно словенски букви и на чист велешки дијалект. Со нив е напишано: „Велешко зарзаватчиско друштво: Да живее свобода, братство, рабенство! 11.јул.1908 “. Инаку ова знаме долги години стоело во каселата на Рајна за на крајот Миле да го предаде во Македонскиот Историски музеј во Скопје, каде што и денес се чува.
Фотографија од знамето се чува и во Архивот и Народниот музеј во Велес.
Стоилко Андреевски