Родова еднаквост и одговорно буџетирање на локално ниво за прогрес на опшеството
Родовите улоги наметнати од семејствата или заедницата треба да се кршат поточно да се надминуваат затоа што во понатамошниот развој ја ограничуваат личноста, независно дали тоа е маж или жена. Класичното воспитување што го имаат децата во семејствата воглавно придонесува тие при изборот на професијата да прават селекција и да се определуваат исклучиво за занимања за жени или за мажи. Научно не е докажано дека постојат разлики во потенцијалите што ги носат мажите и жените. Нерамноправноста во домот потоа се рефлектира и во општеството рече на денешната работилница работилницата „Родово одговорно буџетирање на локално ниво, состојби и предизвици“, обучувачката Благородна Шопова.
„Целта на овие средби е да се влијае врз свеста на учениците за наметнатите родови улоги за да можеме да создаваме средина, локална заедница, во која што без разлика дали се работи за момче или девојче треба да е рамноправна. Значи без разлики да се развиваат личните потенцијали, да се избираат образование и професија, да се надминат улогите и обврските во домот, кои за жал сега сеуште паѓаат на плеките на жената се со цел за создавање на еднакви можности кои пак ке се рефлектираат на прогресот на општеството,“ рече Шопова.
На работилницата, организирана од општина Велес и Организација на жени на Велес , присуствуваа претставници на граѓански здруженија и новинари. Најголем дел од нив беа млади луѓе кои имаа можност да ги соопштат личните ставови за Родовото одговорно буџетирање на локално ниво. Така распределбата на парите од буџетот на општината, со кои претежно се финансираат одбојкарски, ракометни и фудбалски машки клубови наспроти женски, изградбата на фудбалски игралишта наместо спортски сали, уредувањето на кајакарските патеки но без клупи за седење за мајките со мали деца беа само неколку од повеќето примери на нееднакво родово финансирање во локалните заедници во државата.
Тие бариери треба да се уриваат и надежта според претседателката на Организација на жени, Мирјана Трајкова е во едукацијата на младите луѓе.
„Организиравме работилници на оваа тема и во средните училишта во градот. Интересно беше кога на една работилница младите луѓе кажаа дека треба да се посветиме на нивните родители затоа што тие ги воспитуваат, насочуваат при изборот на идната професија. Пораката беше ова што го работите со нас да го работите и со нашите родители,“ рече Трајкова.
Општина Велес има стратегија и локален акциски план за родова рамноправност што го реализира преку оперативен план на годишно ниво кои се финансира од програмата за социјална заштита. Таа е прва во државата што го делегирала за реализација оперативниот план на граѓанска организација поточно на Организацијата на жени.
Убавка Јаневска