На јавната расправа за нов ДУП во Велес присутни едвај дваесеттина граѓани
Незадоволни граѓани кои што живеат на улицата „Љубљанска“ во Велес денеска на јавната расправа на која беше презентиран Деталниот урбанистички план за дел од градот во кои тие живеат соопштија дека нема да дозволат проширување на улицата доколку им се одземе дел од нивните дворови. Тие беа малкумина што дознале дека се организира расправа од страна на општина Велес за новиот ДУП кој поради новата законска регулатива всушност треба да понуди усогласување на нивните, катастарска со урбанистичка парцела. Инаку на јавната расправа требаше да присуствууваат велешани кои имаат околу 260 куќи на улиците “Благој Ѓорев“ преку „Лазо Осмаков“,„Мирка Гинова“, „Пајак планина“, „Осма велешка“,„Љубљанска“ до „Сараевска“. За нивниот реон е подготвен нов ДУП откако граѓани поднеле иницијатива и ја финансираат изработката на урбанистичкиот документ со кој ќе им се овозможи легализација на доградени објекти, подобар пристап до нивните домови и уште неколку други потреби.
„Сите улици се усогласени со измената на сообрќајниот план од 2008 година. Благој Ѓорев е магистрална улица, Осма велешка е собирна улица, Мирка Гинева и Пајак Планина се пристапни, а кракот од Осма велешка е сервисен поточно обезбедува пристап до куќите кои не можат да си го остварат тоа право. Засега да си дојдат до своите домови не можеа да остварат неколкумина сопственици на куќи на улицата Костурска 2,која претставува слепо црево и тесно грло во овој дел на Велес, па затоа тие поднесоа иницијатива до општината. Бидејќи повеќето сопственици се прошириле сега треба таму да се направи пристапна минимална улица од 3,5 метри иако засега не можам да кажам како ќе се изгради бидејќи од едната страна има многу проширени куќи значи легализирани градби што ќе мора да се вклопат во ДУП па проширирувањето единствено е можно од спротивната страна на улицата каде реално постојат многу потпорни ѕидови и висинска разлика. Дали тоа ќе се реализира не знам но мора да се обезбеди улица по која ќе се движи автомобил, противпожарно возило, амбуланта. Таму исто така постојат нарушени меѓусоседски односи. Сепак овој ДУП овозможува регулирање на повеќе потребни работи за граѓаните,“ рече дипл. архитект инжинер Билјана Тасева од проектанското биро „Урбан проектинг“од Велес.
Таа ги покани присутните дваесетина граѓани на анкетно ливче да ги напишат своите забелешки или барања.
Станува збор за ДУП со плански период до 2020 година што се изработува по приватна иницијатива и кој треба да овозможи доградби и надградби, трансформација на земјиште и проширување на улиците во овој дел на Велес , рекоа од општината.
„Постоечки план за овој дел од градот има но е надживеан и затоа треба да се изработи нов. Општината ја изработи ажурираната геодетска подлога додека новиот ДУП го плаќаат граѓаните кои ја поднесоа иницијативата. На сметка на општината се организацијата на овој јавен настан,јавна презентација и анкета, објавите во јавните гласила итн,“ рече дипл. градежен инжинер Зоран Мецановски.
Засега од општината велат дека е прескапо и не е можна организација на јавна презентација и анкета со достава на покана до домот на секој граѓанин кои живее во делот од градот во кој се носи нов или се прават измени на постоечки Детални урбанистички планови. Затоа објавите ги емитувале преку медиуми, на општинската веб страна и ги закачувале на огласната табла во зградата на локалната самоуправа.
Убавка Јаневска