СДСМ Велес: Зошто се уште не е готова новата фасада на УССО Коле Неделковски иако е пробиен рокот?
„Пред два месеца градоначалникот Славчо Чадиев, преку медиумите, им вети на граѓаните дека до 31 март годинава средното стручно училиште Коле Неделковски ќе добие нова фасада со енергетска ефикасност. Но и по завршувањето на крајниот рок, фасадата не е ниту до половина направена“. Со ваква реакција денеска на прес конференција излегоа велешките социјалдемократи.
Тие информираа дека дваесет и еден ден по потпишувањето на договорот со фирмата изведувач на градежните зафати, инаку вреден околу четириесет и пет илјади евра, истата фирма добила негативна референца а и била наплатена и гаранција за квалитетно извршување на договорот. Од СДСМ бараат од Центарот за развој на Вардарски плански регион, кој го склучи договорот со градежната фирма изведувач, да одговорат какви мерки и активности се преземени ако е пробиен рокот.
„Дали можеби ја активиравте банковната гаранција поради ненавремено извршување на договорените обврски на фирмата изведувач на работите. СДСМ во интерес на граѓаните ќе иницира соодветни инспекциски органи со цел да се испитаат овие наводи, а ќе ги информираме и Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.
Во писменото соопштение на ВМРО ДПМНЕ пак се вели дека СДСМ со деструктивни прес конференции се обидува да ја искриви реалната слика за сите реализирани проекти во образованието во градот. Но во него нема одговор на прашањата на опозицијата, зошто се уште не е завршена реконструкцијата на фасадата на училиштето иако требало да биде готова уште пред два месеци. Во соопштението партијата на власт наброја неколку проекти што Владата и локалната самоуправа ги реализирале во областа на образованието. /Д.С