Нов уред „стингер“ ќе се користи за присилно запирање на возила
Ако не го запрете автомобилот на знакот на полицијата, тогаш следува присилно запирање со помош на новиот систем наречен стингер со кој се дупат гумите на автомобилот. Секторот за внатрешни работи Велес денеска пред АМСМ со показна вежба го промовираше новиот систем за присилно запирање на автомобилите во бегство.
За користење на стингерот, наречен и како пресретнувач, полицајците поминаа обука со цел да се спроведуваат успешни акции во случај на организиран криминал, транспорт на мигранти како и во редовната работа на сообраќајната полиција.
„Проектот се спроведува низ целата држава , сите сектори за внатрешни работи имаат обука за полицајците и се надевам дека за кратко време ќе се спроведува во реалното работење на полицијата. Мораше да се спроведе таква обука со цел да се зајакнат капацитетите на МВР“, рече заменик командирот на ПС за безбедност на патниот сообраќај Роберт Павлов.
Проектот е финансиран од Европската Унија и предвидува најмалку по еден уред за присилно запирање на возила во бегство да поседува секоја полициска станица во државата./Д.С