За Тодор Манев денеска велешани донираа 2.716 денари
Две илјади седумстотини и шеснаесет денари собраа доброволците додека денеска, неколку часови, стоеја покрај касата за донации наменети за болниот старец Тодор Манев од Велес . Парите ги донираа граѓани кои минеа по тротоарот пред Основниот суд во Велес. Сопственик на пекара меѓу првите дојде кај штандот, донираше 1.000 денари и побара информации како да го исконтактира синот на Тодор со намера да го вработи.
На телефон денеска донација за Тодор најави и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Исто така се јави и маркетинг менаџер од ланец маркети кои побара контакт од стариот и болен сограѓанин.
Хуманитарната акција за помош на седумдесет и две годишниот Тодор Манев ќе продолжи и утре. На истото место во 10 часот повторно ќе биде поставена касата во која секој граѓанин има можност да донира сретства.
Всушност се што може да се стори за овој наш сограѓанин е само 600 луѓе да донираат по 100 денари. Така ќе се соберат вкупно 60 илјади денари кои му се потребни на Манев да го плати долгот кон ЕВН за да светне сијалицата и во неговиот дом. Сега тој со синот живеат во мрак. Тие двајца, веќе една година не го почувствувале благодетот од светлината на електричната енергија како и топлината во домот во зима.
Тогаш Тодор ќе може од својата пензија да ги издвои потребните сретства за купување на лекови што му се неопходни за неговото влошено здравје. Тој преживеал четири мозочни удари и боледува од неколку болести./У.Ј