Шеснаесетти ден на велешките улици граѓани протестираа со „Протестирам“
Поддржувачите на оваа граѓанско движење кои за себе велат дека се поддржувачи на Шарената револуција и вечерва се собраа кај фонтаната спроти Авона. Таму ја формираа протестната поворка и од Нова Населба преку главните градски улици „Благој Ѓорев“ и „8 Септември“ стигнаа на плоштад „Сармаале“. По пат демонстрантите ги извикуваа паролите „Чади Баба оди си“, „ Оставка“, „Убијци“, „Фикус аболиција“, „ Шутка не ти бега Никола“, „ВМРО фашистичка“ и други. Потоа штом стигнаа на плоштад „Сармаале“ громогласно ја запеаја револуционерната песна „Абре Македонче“.
Демонстрантите ги прашавме зошто се вечерва дел од поворката. Тие вака ни одговорија:
„И вечерва го изразувам мојот протест против актуелната диктаторска и недемократска Власт која десет години манипулира со нашите животи. Не врати назад сто години. Да ја вратиме , не нашата бидејќи ја немаме, туку иднината на нашите деца. Затоа протестираме, за криминалната банда да замине еднаш за секогаш но не надвор од државата туку во затвор да заврши таа криминална банда,“ рече велешанец.
„Тука сме за да и ставиме крај на оваа мафија која државата ни ја носи во амбис,“ рече велешанец.
„Да ги вратиме моралните вредности да има на што да ги учиме нашите млади генерации,“ рече велешанка.
„ Протестирам од првиот ден затоа што треба да и дојде крајот на актуелната ненародна власт . Гневот е голем не само кај мене туку кај грото на народот и затоа излегуваме на улица и протестираме,“ рече велешанец.
Од „Протестирам“ рекоа дека добро се познати причините за протестите низ велешките улици како и дека ќе протестираат се додека Претседателот Ѓорге Иванов не ја повлече аболицијата и се одложат изборите на 5 јуни. Тие најавија дека поради непречено одвивање на сообраќајот низ велешките улици и одбележувањето на матурските вечери нема да организираат протести во наредните три дена поточно во вторник на 17, среда 18 и четврток 19 мај, за кога најавуваат други форми на бојкот. /У.Ј