Граѓанска акција: „Да му помогнеме на велешанецот Тодор Манев“
Објавената приказна за велешанецот Тодор Манев, предизвика бројни реакции од граѓани кои сочувствуваат со неговата мака и сакаат на каков било начин да му помогнат. Се јавија граѓани од Велес, напишаа пораки и жители на Скопје како и од повеќе градови во државата. Некои од нив искоментираа на фејсбук профилот на порталот Дума, други пак лично не исконтактираа по телефон со желба да му помогнат на овој стар и немоќен човек.
Реакциите на граѓаните на нашата приказна не поттикна да направиме хуманитарна акција за собирање на средства за помош на Манев. Акцијата започнува утре со почетокот во 10 часот на локација на улица „8 Септември“ спроти поранешен хотел Интернационал. Таму, до столбовите на Основниот суд Велес ќе биде поставен хуманитарен штанд со каса за доброволни прилози на граѓаните. Сограѓани доброволци и чичко Тодор ќе Ве очекуваат , да го посетите овој штанд и да донирате средства, кој колку што може и милува за да му помогне на Манев кој се наоѓа во неволја. Исто така граѓаните ќе имаат можност од утре на Тодор Манев да му уплатат финансиски средства на неговата трансакциска сметка 210501604105733 во Тутунска банка со назнака „хуманитарна помош за сиромашен и болен граѓанин“.
Акцијата што ја поттикнаа и во која што ќе волонтираат граѓани од Велес веќе има и своја страна на Фејсбук која се вика „Да му помогнеме на Тодор Манев“. Во неа може да учествува и да волонтира секој граѓанин што сака да покаже човечност и грижа кон немоѓно лице во нашата локална заедница. Потребно е само добра мисла и желба да се издвојат неколку часа од слободното време за да се биде покрај касичката и да им се објаснува на граѓаните дека секој дониран денар е покажана грижа кон поединецот и во исто време сторено добро дело.
А кога за сето ова денеска го информиравме Тодор, од неговот око потече солза радосница. Добродушниот седумдесет и две годишен маж не бираше зборови да ни ја покаже својата благодарност. Првите негови зборови беа: „Деца мои, не ни сонував дека некој ќе покаже ваква грижа кон мене и мојот син. Не знам како да ви се заблагодарам. Тој се надева дека токму неговите сограѓани ќе му ја вратат радоста во животот, спокојството и мирот, што за жал му се нарушени затоа што во неговиот џеб не тропа ниту еден денар.
„Јас мислам дека отсекогаш имало, има и ќе има хумани луѓе во мојот град па и во другите градови. Ние сме познати по хуманоста, по подадена рака на човек што навистина му треба помош. Како што јас во минатото додека работев им помагав на другите сега се надевам дека тоа добро што сум го направил, со добро ќе ми се врати“, рече Манев.
Речиси една година Манев и неговиот невработен син живеат без струја. Исклучена е поради неплатен долг во висина од шеесет илјади денари. Дополнителен товар му се и неплатените сметки за вода, и радиодифузна такса. За стариот заостанат долг една третина од пемзијата му запираат, па месецот го поминува со остатокот од 5.500 денари. Но и тие не му стигнуваат за лекови кои мора да ги зема затоа што преживеал четири мозочни удари.
„Се надевам дека ќе се соберат барем оние средства со кои ќе можам да го исплатам заостанатиот долг, за да можам понатаму новите сметки кои ќе ми стигнуваат да си ги плаќам. Исто така се надевам и дека синот ќе се вработи па колку толку ќе ми се растеретат трошоците. Во секој случај изразувам голема благодарност до сите оние граѓани кои досега се јавиле и сакаат да ми помогнат. Да се живи и здрави“, рече Манев.
Сега велешани и граѓани од соседните градови, Вие сте на потег./Д.С и У.Ј