Петнаесетти протест на граѓаните поддржувачи на „Протестирам“ низ велешките улици
Петнаесеттата вечер од протестот на „Протестирам“ низ велешките улици ја имаше стандардната маршута. Демонстрантите се собраа кај фонтаната спроти Авона а потоа тргнаа по улиците „Благој Ѓорев“ и „8 Септември“ стигнаа до плоштадот Сармаале. Тие носеа транспаренти на кои пишуваше „Шарена револуција“ и постери со ликовите на Претседателот Ѓорге Иванов, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и градоначалникот на Велес Славчо Чадиев на кои пишуваше „Одете си“. Попатно демонстрантите ги извикуваа паролите „Апаши“, „Фашисти“, „Оставки“, „Слобода“, „Мафија на робија“, „Поддршка за СЈО“ и други.
Демонстрантите и вечерва ги прашавме зошто се дел од протестната поворка на граѓанското движење „Протестирам“ . Тие одговорија дека очекуваат претседателот Иванов веднаш да ја повлече аболицијата на политичарите, без разлика од која политичка опсија се, да се одложат изборите на 5 јуни и да си замине ненародната власт.
„Во протестната поворка со демонстранти сум затоа што сакам да падне Владата, да се поништи аболицијата и да нема избори се додека не се создадат услови за фер и демократски избори,“ рече велешанец. Тој беше со сопругата додека на раменици ја носеше својата внука.
„Протестираме против состојбите и политичката номенклатура што сеуште е на власт. Очигледна е желбата на граѓаните за промена на оваа власт меѓутоа скорото решение се должи токму на владејачката партија ДПМНЕ,“ рече велешанец.
„ Протестирам за посигурна иднина на младите. Барам претседателот Ѓорге Иванов да ја поништи аболицијата и да нема избори бидејќи не се исполнети условите за фер и регуларни избори,“ рече велешанка.
Од „Протестирам“ рекоа дека нивните поддржувачи го остваруваат уставното право на изразување револт и несогласување со актуелните политики во државата. Пркосот и смелоста на нивните поддржувачи ги охрабруваат да продолжат со протестите секоја вечер се до целосно остварување на познатите барања.
По дводневната викен пауза од Протестирам најавија дека наредниот шеснаесетти протест во Велес го закажуваат за во понеделник, на 16 мај со почеток во 18.30 часот спроти Авона./У.Ј