СДСМ Велес поднесе кривична пријава против директорот на Гимназијата
Велешката опозиција, до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против директорот на Гимназијата Кочо Рацин, С.А. поради основано сомневање дека сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Според кривичната пријава, при спроведувањето на постапката за избор на автопревозник за изведување на екскурзијата за ученицитеод трета година, биле прекршени одредби од Законот за јавни набавки и Правилникот за начинот на изведување на ученички екскурзии.
„Градоначалникот Славчо Чадиев досега не превзема мерки против незаконското работење на неговиот кадар од ВМРО-ДПМНЕ, криејќи се зад работата на училишниот одбор на Гимназијата. Тоа уште еднаш потврдува дека Чадиев е сооучесник во незаконитото работење на Директорот С. А., што е исто така основа за кривично гонење.“, рече претседателот на О.О на СДСМ Велес, Панче Иванов.
Преку писмено соопштение со реакција на пресот на СДСМ веднаш излезе и општина Велес. Во него се вели дека ваквите пресконференции на СДСМ се само обиди да се вмеша политиката не само во образовниот процес туку во сите сфери на општественото живеење. Во соопштението исто така стои дека општината будно го следи случајот со гимназиската ексурзија и соработува со сите релевантни институции.
„Транспарентното работење на Општина Велес било и ќе остане приоритет во работењето, за разлика од некои минати времиња кога организирањето на екскурзиите и спроведување на постапките во училиштата се водеа според други критериуми“, се вели во соопштението.
Од СДСМ велат дека за сите информации и индиции за незаконско работење на локалната власт, јавноста ќе биде информирана./Д.С