Пред велешките гимназијалци презентирани образовни програми на повеќе Универзитети
Во велешката гимназија „Кочо Рацин“ и оваа година се одржа отворен ден за презентирање на програмите за студирање на високошколски образовни институции пред матурантите. Исто така овој ден за информирање со образовните програми на Гимназијата го искористија и завршените деветоодделенци од градот и општините Чашка, Градско и Лозово.
Пред 190-те завршени матуранти во ова средно училиште свои програми за студирање презентираа 12 факултети од повеќе Универзитети . Интересот како кај матурантите така и кај нивните родители беше голем.
Преку промотивни штандови факултетите на најдобар начин им ги претставија придобивките на идните студенти кои своето образование ќе го продолжат на еден од државните и приватните факултети. Покрај пропагандниот материјал како од факултетите така и од Гимназијата , ментори усно им ги објаснуваа условите за упис . За цело време додека траеше отворениот ден на Гимназијата се одржуваше и богата културно забавна програма.
„Задоволни сме како од настапот на факултетите така и од интересот на матурантите за нивниот избор каде понатаму ќе можат да го продолжат своето образование. Голем интерес покрај матурантите пројавија и нивнитеродители кои од претставниците на факултетите беа целосно запознати со условите за упис.За нас, особено интересно и секако значајно беше тоа што голем интерес за запишување во ова средно училиште покажаа завршени деветоодделенци и нивни родители. Тие дојдоа за да се запознаат со можностите за упис во една од насоките на нашата Гимназија“, рече Саше Андреевски , директор на Гимназијата „Кочо Рацин“.
Според Андреевски, годинава, во прва година има место за упис на 270 ученици во девет паралелки од кои осум се на македонски и една на албански јазик. /С.А