Повеќе од четири месеци не работи малиот лифт во велешката болница
И по четири месеци откако Дума.мк пишуваше, малиот лифт во велешката болница се уште не работи. Пациентите и граѓаните кои доаѓаат во посета го користат големиот лифт, специјално наменет за итни случаеви. Големиот лифт се отвара само со чип па затоа вработените од централата мораат постојано да го отвораат. Кога лифтот е зафатен, граѓаните мораат пеш да се качуваат по скалите за да стигнат во одделенијата во петкатната зграда. На новинарско прашање кога лифтот конечно ќе биде направен, директорот на болницата д-р Атанас Василев кусо одговори дека наскоро ќе биде поправен.
„Малиот лифт ќе го направиме во најскоро време“, рече д-р Василев.
Пред четири месеци директорот ни одговори дека лифтот бил стар дваесетина години и бил дотрајан. Неколкупати досега бил поправан а последниот пат му бил сменет и моторот. Тој бил максимално искористен и повеќе не можел да се поправа. И градоначалникот Славчо Чадиев кој тогаш беше во посета на болницата рече дека општината ќе излезе во пресрет и ќе помогне да се поправи лифтот и да се пушти во употреба.
Во четвртокот болницата ја посети и министерот за здравство Никола Тодоров. Заедно со директорот и градоначалникот, пеш се качуваа во одделенијата на кои се сместени новите медицински апарати./Д.С