Велешко езеро „Младост“ порибено со 350 килограми крап
Со триста и педесет килограми крап денеска се пориби езерото „Младос“т во Велес. Големи парчиња крап тешки од еден до два килограми, риболовците од Спортското риболовно друштво „Бабуна“, ги пуштија во водата на езерото. Рибата е донација од Македонската риболовна федерација, а поводот е престојниот крапски куп што треба да се одржи на шести, седми и осми мај годинава на велешко езеро.
Од риболовното друштво велат дека средствата што ќе се соберат од купот, од котизација, ќе бидат наменети за ново порибување на езерото. Во моментов нема забрана за лов на крап во езерото, но друштвото чекува документ со кој целосно ќе се забрани риболовот во наредните две до три години.
Во моментов ние имаме поднесено барање до Институтот за сточартсво за наредниве две три години да имаме тотална забрана за ловење на крапот заради негово намножување. Тоа го правиме затоа што имаме цел езерото да го подготвиме не само за балкански купови и крапски првенства туку и за европски шампионати во крапски риболов“, рече Ѕвонко Мечалов од СРД „Бабуна“.
Како концесионер на езерото риболовното друштво „Бабуна“ има обврска еднаш годишно да го порибува езерото Младост. Порибувањето го прави на крајот од годината и тоа исклучиво само со крап во вкупна количина од 500 до 600 килограми. Ова се дополнителни порибувања како донации од Македонската риболовна федерација, ентузијасти и други риболовни друштва кои во велешкото езеро гледаат огромен потенцијал за одржување на балкански и европски првенства во риболов./Д.С