„Недела на солидарност“, граѓаните на потег
Се мобилизира Општинската организација на Црвен крст Велес. Од вчера започна одбележувањето на неделата на солидарност. Младите волонтери на Црвен крст заедно со волонтерите на Црвен крст од сите основни училишта во координација со Комисијата за социјално-хуманитарна дејност ќе спроведат низа активности за да се соберат што е можно повеќе материјални добра и пари што ќе бидат наменети за лица со хендикеп и стари изнемоштени лица од руралните средини.
Сите хумани граѓани кои сакаат да помогнат можат да донираат по сто денари со повик на мобилните телефонски броеви 070/075/077 143 400. Исто така граѓаните можат да донираат и на жиро сметка на Фондот на солидарноста на Црвен крст на Македонија 300000001327966 АД Комерцијална банка со ЕДБ 4030984271620.
„Најзначајно е тоа што реализираме акција наречена „Од куќа до куќа“ каде што младите волонтери од Клубот на млади и волонтерите од основните училишта ги посетуваат семејствата во нивните домови, при тоа ги информираат за акцијата и апелираат за паричен прилог или прилог во натура. Паричниот прилог може да се запише на посебен флаер, односно да се запише името на оној то донира и износот на пари и потоа парите заедно со флаерчето се ставаат во коверт и се носи во канцеларијата на општинската организација, се пребројуваат и потоа се препраќаат во Фондот за солидарност“, рече секретарот на О.О на Црвен крст, Миле Маџаров.
Минатата година од активностите за неделата на солидарност, Општинската организација на Црвен крст собра околу 23 илјади денари. Тие беа наменети за ранлива категорија на граѓани од општина Чашка. На четиринаесет семејства од селото Дреново, населба Чашка и Долно и Горно Јаболчиште, им беа поделени по 14 пакети со храна и хигинески средства./Д.С