Забрането паркирање на возила на главната сообраќајница за влез во велешката населба Дворови
На почетокот на улицата „Никола Оровчанов“, во строгиот центар на Велес, од вчера се поставени сообраќајни знаци за забрането паркирање на возила. Забраната се однесува на просторот од кружниот тек кај стоковната куќа до преминот на железничката линија Велес – Гевгелија во населбата Дворови. Таму веќе не смеат да се паркираат возила. Забраната се однесува на околу стотина почетни метри на улицата која единствено овозможува влез и излез на автомобили, камиони, на Брза помош и противпожарни возила во оваа населба во централното градско јадро. Сообраќајните знаци ги постави општината. Локалната власт во исто време го одбила барањето на граѓаните, кои живеат во ново изградената зграда, за продолжување на рокот за поставените метални пе столбчиња со кои е ограден тротоарот пред зградата и со што дополнително е одземен еден метар од ширината на улицата.
„Општината им наложи на станарите да ги отстранат пе столбчињата. Во спротивно ќе постапи градежната инспекција, “ рече Мартин Мајсторов од општина Велес.
Поставувањето на метални пе столбчиња на просторот пред зградата претходно со решение го дозволила општината. Рокот на овој документ истече годинава, на 31 март. Но, столбчињата сеуште стојат околу целиот градежен објект поточно на јужната и источна страна на зградата. Тие го обезбедуваат крајот на тротоарот пред зградата и го спречуваат паркирањето на возила непосредно пред двата влеза на станбениот дел и во дуќаните во приземјето на објектот. Пе столбчињата за станарите во зградата и сопствениците на деловниот простор преставуваат заштита од несовесните возачи на сметка на жителите во куќите од спротивната страна на улицата кои мака мачат да влезат или излезат од дома како и да ги паркираат возилата во гаражите во работниот дел од денот.
Поради десетици паркирани возила пред автопералната и од двете страни на тој дел од улицата „Никола Оровчанов“ проблеми да поминат со пошироки автомобили и џипови имаат и останатите граѓани од целата населба каде исто така се наоѓаат средното економско училиште, еден клон на велешката детска градинка и основното музичко училиште. „Никола Оровчанов“ е главна и поврзува уште четири споредни улици, во овој дел на градот, до големиот тунел под железничката линија Велес – Штип и исто така е единствено сообраќајно решение за овие улици со центарот на Велес.
Граѓаните кои живеат таму и го ставија потписот на петицијата што потоа и ја доставија на општината сега го чекаат вадењето на пе столбчињата. Пред да и го достават докуметот на локалната власт за него било разговарано и на средби организирани од Урбаната заедница „Димче Мирчев“ во која спаѓаат овие улици. Поддршка дало и раководството на Урбаната заедница.
Од општината пак не прецизираа кој е последниот рок во кој ќе треба да се отстранат спорните метални столбчиња./У.Ј