Македонските и унгарските компании ќе можат да соработуваат
Се интензивира соработката на економски план помеѓу Македонија и Унгарија. Унгарскиот амбасадор во земјава, економскиот аташе и претставници на стопанската комора на Унгарија и Македонија денеска остварија средба и со велешките стопанственици. Разменија искуства и услови за инвестирање и трговска размена во двете земји. Денешната средба е дел од договорот за трговска соработка што Македонија и Унгарија го потпишаа во 2014 година.
„Во 2014 година успеавме да направиме досегашен максимум во трговската размена меѓу Македонија и Унгарија. Додека во 2015 успеавме дополнителни 15 посто да постигнеме од максимумот што го остваривме. Овие средби се од исклучително значење за развој на соработката помеѓу двете земји а особено е значајно што стигнавме до Велес за целокупниот Вардарски регион, да ги зближиме партнерите и да почнат да инвестираат“, рече амбасадорот на Унгарија во Македонија Јозеф Бенце.
„Засега нема заинтересирани компании од Унгарија но контакти сме имале во изминатиов период со неколку унгарски компании. Сметам дека Велес кој одсекогаш бил трговски град ги има сите предиспозиции да се развива економски во соработка со унггарски компании“, рече економскиот промотор на општина Велес, Деан Стојанов.
Трговската соработка со Унгарија е од големо значење за македонските бизнисмени бидејќи преку неа им се отвораат вратите на другите земји, потенцираше директорот на националната унгарска трговска комора во Македонија Сашо Јанакиевски.
„Како резултат на оваа соработка, 2014 година беше исклучително добра за Македонија. Целото производство на волна се пренесе во Унгарија, таму се преработи и потоа се продаде во Кина и Индија. Оваа пракса продолжува и годинава“, рече Јанакиевски.
„Во изминативе години успеавме да постигнеме исклучително високи резултати во размената помеѓу двете држави. Имајки ги во предвид добрите политички односи меѓу двете земји сметам дека сеуште постојат големи резерви во однос на развојот на соработката,, пред се на директни инвестиции“, рече аташето за економски прашања Ервин Сел.
Македонските и унгарските претставници на двете стопански комори сметаат дека во државите сеуште имаат висок потенцијал за соработка и тоа на полето на земјоделството, водостопанството, туризмот и екологијата./Д.С