Поради „ешерихија коли“ забрането пиење на вода од велешките природни чешми и селски водоводи
Поради присуство на бактеријата „ешерихија коли“ Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани за пиење водата од природни чешми во Велес и во околните населени места. Граѓаните не смеат да ја пијат водата од природните чешми кај Чука, Пузево трло, Штипска пруга и на улицата „Тодор Јанев“. Исто така забрана за пиење е издадена и за природни чешми во селата Караслари, Горно Оризари, Црквино, Иванковци, Кумарино, Мамутчево, Отовицаи и Чолошово. Во дел од овие населени места загадена е и водата во селските водоводи од кои се снабдуваат и тамошните училишта. Станува збор за водоводите од кои пијат учениците во селата Сујаклари, Иванковци, Мамутчево и Отовица.
Присуството на бактеријата „ешерихија коли“ во водата може да предизвика сериозни здравствени проблеми кај граѓаните кои ја пијат. Сега локалната власт ќе мора да ги одбележи сите природни чешми кои се забранети за користење. Исто така водата во селските водоводи ќе мора да се хлорира./У.Ј