Штрајкуваат работниците на „Колска“, денеска во фабричкиот двор а утре на железничка станица во Велес
На протест во дворот на фабриката излегоа денеска сто триесет и еден работник на велешка Колска за да и соопштат на јавноста дека три месеци немаат ни работа ниту плата. Работниците се жалат и на тоа што државата ги остави без здравствено осигурување па не можат да се лекуваат. Тоа што не им се исплатени плати значи дека немаат ниту стаж. Претставници на синдикалната организација на Колска, пред три месеци, биле и кај министерот за транспорт и врски , Владо Мисајлoвски разговарале и преговараме но оттаму до денеска нема решение за ниту еден од проблемите на работниците.
„Ние од декември месец наваму сме без пари. Четври месец веќе сме без пари и без работа. Упорно бараме да ни се обезбеди работа оти ние само така ги остваруваме нашите лични доходи. Досега не сме зеле денар ни од буџет ниту од никој друг. Затоа преговаравме да ни се овозможи можност да работиме преку МЖ. Ние сме единствена фирма во Македонија за одржување на патнички и товарни вагони. Тие се вадат на некои законски регулативи дека имало измени во законот за железничка дејност, дека фабриката мора да оди на тендер а Колска како загубар не може да се јави на тендер за да добие работа и затоа бараа некој начин како може сето тоа да се изведе и да се реши нашиот проблем , ама многу време се пролонгира,“ рече претседател на Синдикат во Колска, Слободан Димитриевски.
Тој додаде дека вчера синдикални претставници повторно оствариле средба со министрите Мисајловски и Спасов од кои добиле уверување дека ги разбирале работничките маки но не можеле да им погнат .
„Им укажавме на нашите проблеми а министрите Мисајловски и Спасов рекоа дека се не разбираат ама не можат да најдат начин како да ни префрлат средства. Капиталот во Колска е 100 отсто на државата, три пати беше даден на продажба и не се продаде па сега мора да најдат законска можност за да имаме личен доход. бидејќи немаме егзистенцијални услови за живот,“ рече Димитриевски.
Поради ова работниците сметаат дека наједноставно решение на нивната долгогодишна агонија е припојувањето на Колска кон ЈП „Македонски железници“. Работниците ги кажаа своите искуства според кои пропаста на нивната фабрика почнала во 1996 година кога Колска била издвоена од МЖ. Оттогаш обезбедувањето на работа е повремено а кога не поправаат железнички вагони работниците остануваат и без плата. За да дојдат до заостанати плати работниците единствено успеваа кога организираа протести или запираа возови на железничката сатаница во Велес.
И сега нивното трпение е при крај. Затоа утре повторно најавија штрајк на станицата во Велес. Дваесет и тројца од нив се подготвени да штрајкуваат со глад во кругот на фабриката./ Д.С