Мистериозно се изведуваат градежни работи во поранешниот хотел „Интернационал“ во Велес
Се изведуваат градежни работи во внатрешноста на поранешниот хотел „Интернационал“ во Велес. Граѓаните кои во петокот минеа по тротоарот, покрај руинираниот објект, први го слушнаа бруењето на градежните машини. Така беше и денеска кога длабоко во внатрешноста на старата зграда, која излегува директно на улицата „8 Cептември“ или поранешна „Маршал Тито“, се слушаше работа на агрегат и уште на неколку хилти. За разлика од претходните денови, денеска, се паркираше и камион пред влезот на поранешната слаткарница „Бела“ која функционираше како дел од поранешниот хотел.
Денеска контактиравме со сопственикот на старата хотелска зграда, Мите Јовановски кого го прашавме што се случува во објектот, дали започнаа градежните работи на реконструкцијата и реновирањето што тој одамна ги најави. Но за разлика од претходно кога Јовановски ни зборуваше за планираната инвестиција во строгиот центар на Велес, готовиот проект за изгледот на хотелската зграда и предвидените рокови денеска тој сосема кусо рече дека не сака да зборува за проектот.
Инаку во последно време повеќемина граѓани ни соопштуваа информации дека Јовановски се откажал од сопственоста на зградата на поранешен „Интернационал“ а дел од нив спомнаа повеќе имиља на можни нови сопственици на градежниот објект.
Поранешниот хотел „Интернационал“ се наоѓа во строгиот центар на градот. Тој одамна ја нема функцијата на угостителски објект со сместувачки капацитети. Во изминатата година од зградата беше извадена и дограмата откако претходно граѓани изнесоа се од што можеше да ќарат. Велешани кои живеат во близина на хотелот се жалеа на неподнослива смрдеа што се ширеше од внатрешноста на хотелската зграда./У.Ј