Најмладите велешки велосипедисти го означија почетокот на пролетта
Повеќе од стотина ученици од основните училишта во Велес, на велосипеди , го означија стартот на деновите на пролетта и денот на екологијата 21 март. Тие денеска како учесници на традиционалниот велосипедски крос Тур Д Велес, уште еднаш потенцираа на зголемување на јавната свест за употребата на велосипедот како превозно средство и за рекреација. На своите велосипеди извозија еден круг околу центарот на градот. Паралелно со зголемувањето на бројот на граѓани кои често го користат велосипедот и се вклучуваат во движењето на велосипедсити, уште повеќе се зголемува потребата од безбедни услови за велосипедистите, велат организаторите.
„Тука нема безбедни услови за возење и се додека велосипедистите се загрозени во сообраќајот, се дотогаш сметам дека треба да се бара солуција за зголемување на безбедноста на велоспиедите, затоа што возат и деца мали, средни генерации и возрасни луѓе. Уште еднаш бараме да се обележат велосипедски патеки во градот и во околината се до туристичките места, рече претседателот на ЕД Вила Зора Ненад Коциќ.
Велосипедскиот крос годинава ЕД Вила Зора го организираше во партнерство со општината. Од таму велат дека асфалтирана велосипедска патека може да се направи само од Велес до езеро Младост. Во градот и до локалитетот Бабуна било невозможно поради конфигурацијата на теренот.
„Ние за жал имаме потесни улици а поголеми тротоари од стандардите. Но таква е конфигурацијата на теренот да не можеме да направиме технички проект кој би бил подржан за да се направат посебни патеки. И конфигурацијата на градот не е единствена пречка за реализација на велосипедски патеки“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Пролетната слика на плоштад Сармаале денеска ја надополнија и најмалите, децата од градинката Димче Мирчев. Со транспаренти во рацете на кои беа напишани еколошки пораки за потребата од здрава животна средина, продефилираа до плоштад Сармаале.
Инаку пролетниот велосипедски крос во Велес се одржува по 14 пат./Д.С