ОК ВМРО ДПМНЕ Велес: За нас беа доволни најавите, гаранциите и плаќањата на индиската групација БРГ, кога ќе почне со работа фабриката не знаеме
СДСМ ги распарча најголемите фабрики во Велес и остави илјадници граѓани без работа. Истата партија ја пропадна Порцеланка и ги тепаше работниците само затоа што си ги бараа сопствените плати. Народот се сеќава и на уништувањето на фабриките Свилара, Брако. Лозар, Графичар, Интернационал, Транс Велес, ХИВ, Бетон, Пелагонија, Младост, Графичар и Велеспром. Добро се сеќаваат и на бизнис зделката на Зоран Заев со Киро Камчев и со години се поигруваа со судбината на вработените во фабриката. Со вакви обвинувања, од прес конференција денеска излезе владејачката ВМРО ДПМНЕ во Велес.
„Зоран Заев не е пожелен во Велес поради сите лаги и нереализирани ветувања на СДСМ во нашиот град. Ветуваа и излажаа дека ќе донесат 90 милиони евра странски инвестиции во Велес. Ветуваа и излажаа дека во фабриката за шински возила „Колска“ ќе го донесат францускиот инвеститор Лор“, рече членот на ОК на ВМРО ДПМНЕ и координатор на советничка група Петре Саздов.
Според партијата на власт иднината на Велес биле успешните реализирани проекти кои градот го носеле напред. Саздов ги спомна фабриката на германски Маркарт, во која биле вработени 200 граѓани и ќе се отвореле уште 400 работни места. Потоа новата инвестиција од 31 милиони евра на индиската групација БРГ за рестартирање на поранешна Порцеланка, во која треба да се вработат илјада луѓе.
Но на новинарско прашање кога ќе почне со работа новата фабрика во некогашна Порцеланка и кога тие илјада граѓани ќе можат да се вработат Саздов одговори дека не знаат. За нив доволни биле гаранциите на индиската групација и финансиските трансакции.
„Сите средства од нивна страна се уплатени. Откупен е просторот, додека околу нивниот начин на организација и почетокот на реконструкција на погоните и во каков степен планираат да го направат тоа ние не можеме да знаеме сепак тоа е нивна фирма . За нас беа доволни најавите, гаранциите и плаќањата, Сите потребни предструктурни и сите финансиски трансакции се направени“, рече Саздов.
Од ВМРО ДПМНЕ посочија дека Зоран Заев е непожелен во Велес и неговата денешна средба нема да биде со граѓаните туку ќе биде дружба со неговите послушници и сопартијци./Д.С