Евроамбасадорот Орав од Велес: „До изборите решение и за медиумите според Пржинскиот договор“
Продолжуваат разговорите на политичките партии за медиумите, како обврска од Пржинскиот договор. Со помош на посредниците на меѓународната заедница постои план како тоа да се направи и реши, рече денеска евроамбасадорот Аиво Орав во Велес во одговор на новинарско прашање за тоа дали постојат најави кои се однесуваат на продолжување на преговорите на четирите политички партии за затворање на прашањето за медиумите. Амбасадорот Орав искажа убеденост дека за ова прашање политичките партии продолжиле меѓусебно да контактираат.
„Исто така јас искрено се надевам дека тие ќе изнајдат начини како целосно да ги имплементираат сите елементи од Пржинскиот договор,“ рече амбасадорот Орав.
Евроамбасадорот Орав ги посочи првите превземени чекори од страна на медиумите кои произлегуваат од Пржинскиот договор. Го потенцираше балансираното медиумско известување како придобивка. Тој се осврна и на важноста од формирањето на Советот за етика, како саморегулаторно тело и на независноста на новинарите.
„ Пракса во европските земји се саморегулаторните тела. Во Македонија се формираше Советот на етика во медиумите. Ако самите новинари пријават дека овој новинар не дејствуваше професионално, овој новинар можеби треба да ја подобри својата работа мислам дека ќе биде најдобриот начин да се поправат независноста и професионалноста на новинарите,“ рече Орав.
Евроамбасадорот Орав исто така апелираше на предизборно учество на политичките опоненти во дебатни емисии на локалните и национални телевизии.
„Би било добро ако би имало политичка дебата на највисоко ниво. Пред изборите добро би било политичките лидери да дојдат на телевизија и да одговараат на тешки прашања од независни новинари а не еден политички лидер да оди на интервју кај новинарот кој добро го познава и да одговара на однапред договорени прашања. На овој начин нема никаква можност да се добијат лоши одговори за тоа што треба да се случи на изборите. Ние зборуваме за реформи во медиумите и дека има што да се направи,“ рече Орав.
Инаку одговарајки на прашање за слободата на медиумите поставено од граѓаните на Велес на средбата во салата на општината, амбасадорот Орав рече дека Европската Унија го следи демократскиот развој на земјата и нема намера да се вмешуваат во домашната политика на Македонија. Тој сепак го спомна последното истражување според кое Македонија на листата на медумска слобода во светот е рангирана на 116 место./У.Ј