74 годишнина од штрајкот на велешките Гимназијалци
Гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес, во соработка со Општинската организација на Сојузот на борците од НОВ и годинава го одбележаа 14 Март – Денот од одржувањето на тридневниот штрајк на учениците од велешката Гимназија. Велешките гимназијалци на 14 март 1942 година го кренаа својот глас против воведување на бугарскиот како мајчин јазик во наставата и против асимилаторската политика што ја спроведувале бугарските власти врз македонскиот народ. Под раководство на Скоевската организација и велешкото партиско раководство, учениците застанале во одбрана на својот јазик и својата национална самобитност. Нивната храброст ја поддржале дел од наставниците, родителите и голем број граѓани на Велес.
По повод 74 годишнина од штрајкот претставници на боречката организација , со едноминутно молчење им оддадоа почит на учесниците во штрајкот. Штрајкот на велешките гимназијалци бил успешен. Бугарските власти не успеаа да го воведат бугарскиот како мајчин јазик во наставата, а сите исклучени ученици биле повторно вратени во наставата.
Поголем број од учесниците во штрајкот потоа заминале во партизани а некои од нив ги дале своите животи за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор.
Делегација на Сојузот на борци од НОВ од Велес и ученици и наставници од Гимназијата положија свежо цвеќе пред спомен плочата во некогашната Гимназија, денес ООУ „Благој Кирков“. Учениците изведоа и пригодна програма посветена на штрајкот од 1942 година. За овој настан од нашата историја зборуваше и претседателот на Средношколската заедница на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ Саше Петров. Инаку, меѓу присутните беше и д-р Никола Стојановски учесник и еден од организаторите на штрајкот на велешките гимназијалци во 1942 година./С.А