Граѓани на Велес откриваат фантом гласачи во згради
Граѓаните со имиња и презимиња одбележани со розева линија во копијата од избирачкиот список што ви ја даваме никогаш не живееле во нашата зграда, со број 2 на улицата „Славко Ѓоргиев Сватот, во населбата Тунел 1 во Велес, рекоа денеска граѓани кои таму живеат од нејзината изградба. Повеќемина од нив денеска тврдеа дека еден гласач фантом е личност која е регистрирана само на уличниот број на зградата без број на стан. Тоа е Билјана Таневска. Во оваа зграда никогаш не живеел ниту Сашко Трајковски во станот со број 24 бидејќи зградата има вкупно 20 станови. А во неа никогаш не живееле ниту Грозда Маневска во станот број 5 ниту Марија Цветковиќ во станот во број 8. За станарите во оваа зграда збунувачки се и имињата на Снежана Темелкова од станот со број 10, Зоран Ивановски од станот број 12 и Аница Анастасова од станот со број 14.
Во реалноста оваа зграда нема втор влез но, тој постои во избирачкиот список и според него токму во влезот број 2, во стан со број 9 живеат Кире и Росана Чулевски, во стан со број 11 живее Ѓурѓа Миленковска, во стан број 6 живее Зоран Петрушевски, додека семејството Трајкови поточно Менда, Сања и Василчо живеат во стан со реден број 15.
Од оваа зграда одамна се исселени во странство станарите Моника и Славче Тодорови кои живееле во станот со број 20 и Александра Здравкова од станот со број 17. Нив сеуште ги има во избирачкиот список. Тие се одбележани со зелени линии.
Ова не е единствен случај за кои што деновиве алармираа наши сограѓани. Сомнителни имиња на наводни гласачи има и во зграда на улица „Андон Шурков“ број 8, во комплекс УЗУС. Таму се запишани вкупно седум гласачи само на редниот број на зградата, без број на влез.
И граѓани од зграда на улицата Енгелсова со број 4 пронајдоа фантом гласачи во своите станови. Голем дел од граѓаните веќе се обиделе да ги пријават овие нерегуларности во избирачкиот список преку веб апликацијата на Државната Изборна Комисија. Но, успевале само во прв обид за еден случај додека за наредниот сомнителен случај апликацијата ги одбивала со образложение дека не се регистрирани во списокот како избирачи со право на глас.
„Тоа не е точно бидејќи сме гласале и нас не има во Избирачкиот список“, категорично тврдеа овие граѓани на Велес. За да се увериме дека ја зборуваат вистината проверка во избирачкиот список направивме и ние. Во него нивните имиња се регистрирани.
Сега за нив останува нејасно како да ги пријават луѓето кои не живеат а со име и презиме се водат во зградите, влезовите и становите кои не постојат.
Веднаш по објавувањето на текстот се јавија граѓани кои тврдат дека непостоечки гласачи имало и во стан од зградите за социјални случаи, самохрани мајки и млади брачни парови во населба Тунел. Според нивни кажувања станот Б1/3 бил празен но во избирачкиот список имало двајца гласачи Суза А и Трајанка Ч.
Информации поврзани со непостоечки гласачи во повеќе куќи на улицата Јовче Тикваров само што ни соопшти и велешанецот Дејан Симонов.
„Ви тврдам дека Усеинова Микерен не живее на оваа улица во куќата на моите братучеди Мицевски. Таа значи е фантом гласач. Во списокот сеуште се наоѓа името на мојата братучедка која седум години е мажена во Германија. Потоа братучедите Мануел, кој дванаесет години е во Германија и Столе кој одамна е исселен од Велес во Германија. Извадете прин скрин од списокот и отидете на оваа улица за да проверите. Имам пријатели кои живеат и на улицата Питу Гули ќе ви го доставам нивниот куќен број за да се уверите дека ја зборувам вистината. Ќе видите кого се ќе најдете таму. Според избирачкиот список гласачи има и на улицата Благој Ѓорев бр 0. Таков број не постои во реалноста,“ рече Симонов.
Дума.мк ќе ги провери и овие информации./У.Ј
Прин скрин од Избирачкиот список со непостоечки гласачи во зградата на ул: „Славко Ѓоргиев Сватот“ број 2 во населбата Тунел 1 во Велес