Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

(Семејството Мајсторови, со таткото Игнат- познатиот мајстор градител)

Мајсторови биле едно од познатите семејства во Велес. Името го добиле по занимањето на нивните родители кои биле мајстори - ѕидари. Биле позната и многу ценета тајфа која учествувала и во изградбата на големиот  потпорен ѕид на црквата „Свети Пантелејмон“. Семејството Мајсторови најнапред живеело во „Маалска“, а по заминувањето на Турците, купило стари и изградило убави нови куќи, веднаш до градскиот саат.

(Мајстор Тодор во дуќанот)

Успешната семејна приказна на Мајсторови ја започнале  синовите на познатиот мајстор ѕидар Игнат, поточно  Тодор, Димитар, Стефан и Симон, кои покажале други афинитети и се зафатиле со изучување на прецизни занаети. Најстариот Тодор, бил најзаслужен за тоа. Роден 1890 година,  уште како ученик  со дозвола на неговиот татко, оди да чиракува кај чичко му Јанко, познатиот пушкар во градот и пошироко. Тодор веднаш го засакал занаетот и многу брзо почнал да ги учи сите мајстории од чичко му.  Но не го запоставил ниту образованието.  Тој во турско време завршил Гимназија, но пушкарскиот занает, како што велел, му лежел на срце.  По пет години ,  кога Тодор можел сам да поправа пушки, на неговиот чичко му веќе му натежнале годините и го затворил дуќанот.  Тодор  останал разочаран. Тогаш татко му Игнат, му ја исполнил желбата  да го продолжи занаетот и во 1912 година со  турска дозвола на Тодор  му отвара прв дуќан во близина на стариот мост, на десната страна на Велес.  Оваа година е значајна за познатото семејство но и за градот Велес, па и пошироко, како почеток на развивање на прецизното занаетчиство.

( Тодор Мајсторов со семејството)

Тодор во дуќанот прво ги усовршил од чираци до мајстори знаењата на  неговите браќа  Димитар, Симон и  Стефан. Потоа тие отвориле самостојни дуќани. Тогаш имало доста ловџии во тогашна Македонија која била под власт на Турција па се почесто доаѓале кај „велешките Мајсторчиња“  за поправка на пушки и пиштоли. Сложните „браќа Мајсторчиња“ отвориле и дуќан за колонијални производи, за кој велешани велеле дека во него имало се од игла до локомотива.

(пред дуќаните на Мајсторови)

Во дуќаните на Мајсторчињата од ден во ден се побројни биле граѓаните - муштерии. Браќата мајстори покрај поправките на пушки започнале да поправаат и други машини но и со набавка на производи од повеќе европски земји.

„ Тоа беше најстариот дуќан во градот. Во него работеа татко ми Тодор и неговите тројца браќа. Се занимаваа со прецизна механика, поправаа машини за шиење, машини за пишување, беа пушкари, поправаа автомобили. Го отворија и  првиот колонијал во Велес, се продаваше се“, се присети пред повеќе години кога со него разговарав синот на Тодор, Илија Мајсторов.

Како голем мајстор и виден граѓанин Тодор Мајсторов без проблеми добил дозвола прво од турските а потоа и од бугарските и од српските власти, покрај со поправката на  ловечки пушки на граѓаните да им  продава и пиштоли. Браќата Мајсторови работеле од утро до мрак. Добриот глас за нивната работа стигнал далеку. Секој граѓанин сакал неговата пушка да биде исправна пред да замине на лов. Работата во дуќаните на браќата Мајсторови им донела заработка што тие ја инвестирале во проширување на имотот. Прво што сториле била инвестицијата со која на местото на стариот дуќан изградиле голема зграда со осум дуќани, по два за секој од браќата. Братски ги поделиле, секому по еден дуќан во приземјето на самата улица и по еден на катот во зградата.

Потоа следела инвестиција за набавка на најсовремени машини и арапари од Германија, Австрија и други европски земји.Сите знаеле да поправаат пушки, пиштоли, машини за шиење, за пишување и други технички апарати, па и автомобили иако во тоа време ги имале мал број на граѓани.

(Дел од дуќаните на Мајсторови во семејната зграда - денеска)

Така мајстор Тодор, човекот кој во тоа време од мали нозе го научил  реткиот и единствен занает, ги научил и своите браќа и успеал семејството Мајсторови да го вброи меѓу најугледните и најимотните во Велес.

„ Стожерот на семејството беше татко ми  Тодор.  Тој  беше голем човек, а во  мајсторството му немеше рамен. Сам правеше федер за пушка што никој не можеше тоа да го направи. Го молев тајната да ми ја каже но, секогаш ми велеше: Синко тоа не е за тебе. Нека остане тајна. Така и беше .  Татко тајната ја однесе со себе кога си замина од овој свет,“ ми раскажа тогаш Илија.

(Куќите на Мајсторови кај Градскиот саат)

До крајот на својот долг живот многу горд на делото на својот син бил и неговиот татко прочуениот мајстор - ѕидар Игнат. По неговата смрт неговите синови никогаш не се разделиле. Секогаш работеле сложно и заедно ја делеле и тагата и радоста.

Во периодот по Првата светска војна и создавањето на Вардарска бановина, властите од стара Југославија, забраниле продажба на оружје. Тогаш Тодор не чекал долго. Со помош на синот на Алексо Левков, еден од браќата Левкови сопственици на фабриката за глинени ќумци, во Германија склучил договор со прочуената компанија за машини за шиење „Гризнер“ и станал  единствен увозник  на овие простори. Тогаш машините ги имало многу малку, а биле мошне барани. Добил и сретификат за нивни поправки и одржување. Мајстор Тодор станал главен сервисер на териториријата на цела тогашна Македонија. Му тргнала работата.  Тодор со Алексо Левков бил другар,а многу почитуван и од другите двајца браќа Левкови па често, кога имало потреба си помагале едни на дуги. И братот Симон Мајсторов заминал во германската фабрика „Круг“ на специјализација за машини за шиење.

(Тодор Мајсторов со сопругата, синовите, ќерката и внуците)

Успешните браќа Мајсторови започнале да се женат и да формираат семејства. Прв се оженил Тодор со Марија, со која живеел многу сложно и  која на свет му ги донела  синовите Илија и Круме и ќерката Нада.  Втор семејство формирал  Димитар со сопругата Богданка чиј син е познатиот  уметник Борис Мајсторов, долгогодишен работник во МТВ и нивна ќерка е Лилјана. Трет се оженил Стефан со Марика и ја добиле  ќерката Љубинка. Последен бил  Симон кој се оженил со Василка и ги имаат  синот Игнат и ќерката Марионка. Свадбите и веселбите браќата Мајсторови ги прават додека живеат во куќите на „Маалска“. За животот и работата на останатите браќа ќе пишуваме во друга пригода.

Сега уште неколку реда во кој ќе забележам дека за мајсториите  во дуќанот на мајстор Тодор  најмногу се интересирал неговиот син Илија. Тој од мали нозе постојано бил кај татко му и со љубов гледал како ги поправа пушките, пиштолите, машините за пишување и за шиење. Покрај училиштето втора негова љубов бил татковиот занает. Како годините минувале таа љубов била се поголема. За време на летниот одмор Илија работел во татковиот дуќан. За него немало слободно време и кога учел во Гимназија и по завршувањето на хемискиот факултет во Загреб и по неговото прво вработување како професор во средно хемиското училиште, потоа во Топилницата и фабриката за вештачко ѓубре од каде што се пензионирал. Илија до последен момент до 2015 година, постојано  работеше во својот дом. За професор Илија Мајсторов има доста пишувано а за да не бидам неправеден ќе кажам дека тој го исполнил аманетот на својот татко Тодор кога завршил факултет и стана признат академски граѓанин.

Стоилко Андреевски

Поврзани вести

E baner

web banner 300x250 Sinalco Duma

banerknigovodstvo

Швајцарската мултинационална компанија активна во областа на фармацијата и производство на медицински помагала РОНТИС, заради зголемување на својот постоечки капацитет во фабриката во Велес, има потреба да вработи:

10 (десет) Оператори во производство

Кандидатите треба да ги поседуваат следните квалификации:

  • ССС
  • Со или без работно искуство

ДПТ РОНТИС ДООЕЛ Велес ги охрабрува сите заинтересирани кандидати  да аплицираат, без разлика на нивната полова, верска или национална припадност.

Доколку сте заинтересирани, Ве молиме пратете ја Вашата биографија (CV) со фотографија на hrmk@rontis.com  или на адреса:

ДПТ РОНТИС ДООЕЛ   с. Долно Оризари бб, Велес 1400 (со назнака за Оператор ), најдоцна до 30/11/2019 година.

Швајцарска мултинационална компанија активна во областа на фармацијата и производство на медицински помагала заради зголемување на својот постоечки капацитет има потреба да вработи:

Техничар  во оддел за  одржување

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови:

  • ССС (Електро- техничар,  Машински техничар и др. сродни занимања)
  • Познавање на англиски јазик
  • Познавање на работа со компјутери
  • Со или без работно искуство ( предност имаат кандидати со работно искуство со машини )

Локација : Република Македонија - Велес

Доколку сте заинтересирани, Ве молиме пратете ја Вашата биографија (CV) со слика на  hrmk@rontis.com  или на адреса: ДПТ РОНТИС  ДООЕЛ Велес  с. Долно Оризари бб, Велес 1400  задолжително со назнака за Техничар, најдоцна до 30/11/2019 година .

Најново