Пензионерите ќе реконструираат два стари објекти во рекреативни домови во општина Чашка
Два деновиве ќе започнат да се реконструираат и уште за два рекреативни пензионерски домови велешкото Здружени на пензионери чека одлуки од општините Велес и Градско. Откако општина Чашка донесе одлуки со кои им ги преотстапи зградите на старите училишта во селата Мокрени и Богомила велешкото здружение ги започна подготовките за поправки и преадаптирање на просторот. На овој начин здужението започна да ја реализира програмската активност за обезбедување на објекти кои ќе служат за престој во природа, за рекреација а по потреба и за домување на пензионери кои останале сами. Сепак објектите ќе можат да ги користат и останатите граѓани.
„Во моментов сме во преговори со заинтересираните фирми за изведување на градежни работи во двата објекти во општина Чашка. Комплетно ќе ги реновираме и внатрешно ќе ги уредиме. Освен преадаптација во собите ќе направиме нови купатила и тоалети. Ќе поставиме нов патос и ќе купиме нов мебел. Ќе го уредиме просторот пред објектите. Имаме за цел да им понудиме можност за туристички и рекреативен престој во природа на нашите членови а потоа и на сите заинтересирани граѓани,“ рече претседателот на здружението Веле Алексоски.
Капацитетот на домот во Мокрени ќе изнесува 30 легла а две легла помалку ќе има домот во Богомила. Пензионерското здружение сега ја очекува одлуката на Советот на општина Велес од кого зависи дали и училишната зграда во најатрактивниот предел во селото Ораовец ќе може да се преадаптира во рекреативен центар. На таква одлука се чека и од Советот на општина Градско.
„Нашата цел е во објектите кои се оставени на забот на времето, значи постојат и се квалитетни градби но во нив одамна запрел детскиот џагор, да ги преадаптираме во корисни места. Подготвени сме и финансиски обезбедени за првичните инвестиции. Потоа ќе се обидеме преку проекти да обезбедиме дополнителни сретства со кои ќе оплеменуваме и ревитализираме содржини кои ќе им бидат корисни на сите граѓани во споменатите општини. И ќе ни биде мило ако нашата иницијатива ја прифати пошироката заедница, граѓанските здруженија, бизнис секторот, младите луѓе со кои сакаме да соработуваме,“ рече Алексоски.
Ова е прва ваква иницијатива на пензионерско здружение во државата. Отворањето на рекреативните домови се очекува да придонесат во развојот на руралниот туризам./У.Ј