Граѓаните од улицата „Никола Оровчанец“ бараат решение за сообраќајниот хаос пред портите
Секојдневно се блокира главниот влез во месноста Дворови во Велес. Го блокираат десетици паркирани возила од двете страни на почетокот на улицата „Никола Оровчанец“ до куќниот број петнаесет. Таму од левата страна на улицата се наоѓа ред од куќи а од десната страна се изгради колективен станбен објект и сега тешко се мине со автомобил, потешко со џип додека невозможно е да се пробие комбе, амбулантно возило или пожарна. Паркираните возила им ги блокираат влезовите во куќите и во гаражите, на граѓаните кои таму живеат. Тие велат дека состојбата е неподнослива како ноќе од паркираните автомобили на станарите во зградата така и дење кога пред нивните влезови превозни сретства паркираат граѓани што доаѓаат во центарот од сите страни на градот за да завршат работа во банките, во судот и другите институции.
„Нашето маало е претворено во незаконски паркинг простор. Овде паркира кој како сака. Не се води грижа ни за нашите влезови ниту дека се блокира улица која е главна сообраќајна артерија за градинка, музичко и средно училиште. Само од тука можат да влезат брза помош и пожарна за две поголеми улици и уште десеттина помали маала и сокаци,“ рече граѓанин кој живее на ова место.
„Никој не размислува за последиците од погрешно паркираните автомобили. Ќе ги споменам последиците од двата поголеми пожари кои се случија во овој дел од градот. Куќи изгореа а во една од нив изгоре старица додека пожарникарите успеаја да се спровнат во оваа сообраќајна џунгла. Среде ноќ на раце преместувавме возила за да направиме пат за пожарникарското возило,“ рече граѓанин кој живее на овој дел на улицата.
Тие тврдат дека проблемот станал сериозен од кога општина Велес одобрила да се постават дополнителни столпчиња на улицата кои ја намалиле во ширина за еден метар. Така зградата добила тротоар а станарите непречен влез во влезовите од една а од друга страна блокирање на влезовите во куќите на „Никола Оровчанов“. Оваа општинска одлука истекува на крајот од месец март годинава.
„На состанок во месната заедница Димче Мирчев градоначалникот Славчо Чадиев вети и дури фати рака со нас граѓаните кои што се жалиме дека ќе ги извади столбчињата и ќе ослободи уште еден метар од улицата. Но ништо не стори освен што не излажа. До денеска повеќе пати пишуваме барања и се потпишуваме сите кои живееме на оваа улица. Но само не лажат дека ќе ја завршат работата,“ рече жител на улицата.
Од документите што ни ги ставија на располаѓање се гледа дека досега овие граѓани во пет наврати пишувале барања и ги поднесувале до општинските служби. За нивниот проблем било поставено и советничко прашање на седницата на Советот на општина Велес со датум од 15 јануари, годинава.
Од општината денеска ни рекоа дека се запознати со проблемот и барале решение. Како што рече Мартин Мајсторов столпчињата биле поставени на државна земја по барање на станарите од зградата. Рокот на тоа одобрено барање истекува на крајот на овој месец. Доколку станарите поднесат ново барање тогаш службите на општината ќе излезат на лице место и ќе ја разледаат ситуацијата. Ќе биле земени во обзир и забелешките на останатите граѓани.
Инаку проблемот на граѓаните на улицата „Никола Оровчанeц“ го имаат и сите останати граѓани во Велес без разлика дали живеат на главните улици или во споредните маала и сокаци. Градот нема доволен број на паркинг места па за паркирање, често се прекршуваат сообраќајните правила. Автомобили се паркираат секаде па дури и на тротоарите. Има и возачи што паркираат возила на места кои блокираат цели споредни улици без да водат грижа за тоа како амбулантно возило или на пожарна ќе успее да стигне до граѓаните./У.Ј