Велешките социјалдемократи јавно прашаа зошто новиот директор на Колска веднаш ги испрати работниците на принуден одмор
Новиот директор на велешка Колска штом ја превзеде функцијата работниците веднаш ги испрати на дводневен принуден одмор. Ова денеска го соопштија социјалдемократите на прес конференција на која исто така информираа дека вработените се во неизвесност и стрепат за своето работно место но и за исплатата на заостанатите плати.
„Оваа година се навршуваат 100 години од основањето на Колска. Лошата состојба во која се наоѓа оваа единствена фабрика за шински возила е последица на неспособното управување на кадрите на ВМРО ДПМНЕ. Новиот директор треба да излезе во јавноста и на работниците, на нивните семејства и на граѓаните на Велес да им одговори дали Колска е оспособена да се јавува на тендерите и да обезбеди работа за своите работници или поради својата неликвидност не може да учествува на тендерите. Дали Колска должи на УЈП по основ на ДДВ и други основи знаејќи дека пред некое време се најде на списокот на должници на УЈП“, рече Иван Ивановски од секторот за комуникации на О.О на СДСМ Велес и актуелен член на советот на општина Велес.
Социјалдемократите прашуваат дали има индиции дека Јавното претпријатие Македонски железници за реконструкција на вагоните, наместо од Колска, која е единствената фабрика за шински возила во државата, бара услуги од Соседна Бугарија. Исто така тие јавно прашаа дали за Владата на ВМРО ДПМНЕ, Колска и нејзините работници отсекогаш биле отпишани./Д.С