При прошетките на езеро „Младост“ прихранувајте ги шатките
Со тенкиот слој на мраз, што ноќеска се формираше поради измерени минус 11 степени целзиусови, утрово тешко се справуваа јатата преселни птици на езерото „Младост“ кај Велес. Шатките и гнурците тешко се снаоѓаа со храна. Тие пливајќи се преселуваа од едната на другата страна каде што површината на водата сеуште не беше замрзната. Во поголеми јата можат да се забележат на западната страна на езерото, во потрага по риби, засега единствена храна. Глетката што овие птици ја создаваат е прекрасна и ги мами случајните минувачи. Но, штом им се доближат тие излегуваат од водата и не плашејќи се очекуваат да добијат храна.
Доколку продолжат минусните температури и замрзнувањето на површината на водата на езерото на овие птици ќе им треба човечка помош. Потребно е прихранување со зрнести производи, рекоа екологистите.
„Иако засега не им прети сериозна закана од глад, граѓаните кои го посетуваат езерото пожелно е да им излезат во пресрет на овие птици со тоа што ќе им донесат по некое парче леб. Ние ќе ја следиме состојбата и доколку дојде до целосно замрзнување како и неможност од прихранување по природен пат, со риба, тогаш ќе асистираме со секојдневно прихранување се додека не се стопи мразот на езерото,“ рече претседателот на ЕД „Вила зора“ д-р Ненад Коциќ.
Инаку љубителите досега им се радуваа на овие птици кои се одомакинети на велешко езеро. Таму престојуваат се додека трае зимата. Секако најатрактивни се лебедите кои секоја година во парови доаѓаат и престојуваат во езерските води. За нив е потребна најголема грижа за да не се повтори случката од пред неколку години кога несовесни граѓани убија еден а вториот лебед умре од тага по партнерот./С.А