Ицо Картуш: „Се премачкувавме со свинска и маст од кит, пред да скокнеме по крстот во Вардар“
Во 1989 година прв го фатил светиот крст во водите на Вардар и потоа уште еднаш бил најсреќниот жител на Велес во чии раце завршувал симболот на христијанството. Него го знае секој велешанец како човек кој што ја возобнови војорданската традиција по фрлањето на крстот од Мало Мовче. Ицо Картушот и денеска се присети на моментот кога пред 27 години со благослов на Владиката Михаил застанал на брегот на Вардар, петстотини метри подолу од Мало Мовче и бил подготвен за возобновување на градската традиција.
„Дедо Михаил тогаш ме благослови и ми рече: Jас ја преземам целата одговорност за настанот што ќе го изведеме. Се симнавме од црквата долу и јас почнав да се подготвувам. Во еден момент покрај нас се појавија полицајците и не прашаа што правиме. Но набрзо потоа ни рекоа да продолжиме. Потоа дознав дека тие ја пренеле информацијата до градските власти кои пак не виделе ништо лошо во чинот и јас протолкував дека на тој начин ни дадоа поддршка да ја реализираме замислата. Но сепак мора да потенцираме дека дедо Михаил беше тој кој што ја врати манифестацијата на местото на кое што и прилега, овде на брегот на реката Вардар“, рече Ицо.
Тој е среќен што денеска повторно ги гледа своите сограѓани во толкав голем број на бреговите на реката. Тоа што денеска педесет и девет млади луѓе скокнаа по светиот крст за него претставува гаранција дека првите граѓани што учествувале на возобновената манифестација, веќе имаат наследници.
„За жал јас сум единствениот жив граѓанин од повеќемината кои порано го правеа овој свет ден убав за сите наши сограѓани. Не станува збор за храброст туку за вера во Бога. Ако некогаш на овој ден се фрлале Атанас и Котето од Дворови, потоа дојде таа моја генерација во која учествуваа Киро Папазов, Дуле Чаки, Атанасов Анѓел , Диме Капата и многу други на кои во моментов не можам да се сетам“, рече Ицо.
Ицо денеска беше среќен и возбуден исто како во годинините наназад кога тој се фрлал по светиот крст, гледајќи ги младите велешани кои храбро влегоа во ладните води. И овој пат ги посоветувал да не пијат алкохол пред да влезат во водата, затоа што тоа наместо да ги солободи и опушти може само да им наштети. Тој се присети на моментот кога тие се подготвувале за скокање во ладната вода. За да издржат подолго време на студот, телото си го премачкувале со свинска маст, а еднаш се премачкале и со маст од кит што ја добиле од велешка Маслодајна. Потоа го омирисале секој дом во градот во кој што влегле.
„Сакам само едно да им порачам да не се напиваат да не се лажат дека алкохолот ќе ги ослободи. Напротив ако претходно се напијат ладната вода ќе ги пресече и тие нема да знаат каде се наоѓаат. Ова од искуство го кажувам, не е точно дека ако се напиеш три четир чашки алкохол ќе можеш полесно да влезеш во водата, напротив тоа е лошо. Уште едно да им порачам, ако лекарите кажат дека не можат да се фрлаат во водата по крстот поради срцеви проблеми или притисок, нека го прифатат советот бидејќи тоа е за нивно добро, за да не дојде до несакани ситуации“, рече Ицо.
Тој се надева дека овој убав свет ден ќе му ја исполнува душата уште многу години и како искусен скокач по крстот ќе ги советува младите велешани и новите генерации кои ќе учествуваат во манифестацијата и ќе ја продолжат традицијата./Д.С