Марија остана без куќа и покуќнина, сега бара помош
Седумдесет и пет годишната Марија Гуцева чија куќа изгоре во пожар не може да се помири со несреќата што ја снајде. Утрово ја затекнавме покрај пеплосаните остатоци од покуќнината, преморена и истоштена од траумата што ја преживеја. Таа моментално престојува кај нејзината керќа, но вели станот е претесен и не сака да им биде товар на своите внуци.
„Ќерка ми ме прибра кај нејзе. Роднините од Гевгелија ми дадоа пари за храна за овој месец за да не им тежам на моите, оти пензијата ми изгоре во пожарот. Но станот на керка ми има само 30 квадрати, тесно е, не можам да останам таму“, рече Марија.
Четирите соби од старата трошна куќа на улицата Благој Јосмов се целосно уништени од пожарот. Освен неколку предмети од домаќинството што соседите успеале да ги спасат, не останало ништо друго. Само купиштата шут сведочат за големиот пожар кој за кратко време ја пеплоса покуќнината на Марија што со години ја печалела. Таа бара помош од хуманите луѓе и институциите.
„Се надевам на хуманоста на луѓето и институциите да ми помогнат да ја средам куќата, да ја оспособам за живеење и некаде да се згрижам додека да се направи. Кој колку може да ми помогне. Побарав помош и од ЈКП Дервен да дојдат да го изнесат отпадот од куќава, јас сама не можам“, рече Марија.
Куќата на Марија изгоре во пожар во петокот, откако експлодирал стар телевизор во една од собите. Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите и соседите пожарот не се прошири во соседните куќи во густо населеното маало./Д.С