Дедо Мраз од Велес: „И во новата година да ве следат здрвје, среќа, љубов и берикет“
Облечен во препознатлива гардероба, со задолжителна торба полна со подароци и ѕвоно во раце Дедо Мраз стигна во Велес. Забележително е неговото присуство во домовите на најмладите граѓани и делење на новогодишни подароци. Најпосакуваниот дедо на светот наоѓа време и за фотографирање со сите кои посакуваат фотографија што ќе ја чуваат во семејните албуми за да ги потсетува на уште една година од животот. Дедо Мраз сепак најголем дел од времето одвоено за присуство во градот го минува на централната градска улица „Благој Ѓорев“. Таму го пронајдовме и ние. Беше весел, насмеан и среќен што има можност на велешани да им посака остварување на желби во годината што доаѓа.
„Драги мои велешани вам и на сите луѓе во светот, големи и мали, деца, мажи и жени, црни и бели ви ја честитам Новата 2016 година. Ви посакувам се што било лошо да остане во старата и во новата година да ве следат здрвје, среќа, љубов и берикет“ рече Дедо Мраз.
Тој од годинава се раководи според ново животно правило поточно освен што дарува подароци и исполнува желби од најголемите и најверни пријатели, децата бара да ветат и остварат ветување.
„ Задолжително барам да ми ветат дека ќе бидат умни и послушни, редовно ќе се мијат заби, уши, врат и нос, ќе јадат здрава храна полна со енергија, што ќе ја трошат на игра и забава откако ќе бидат вредни и ќе ги научат сите лекции и ќе напишат домашна задача. Сето ова не е многу затоа што има многу добри дечиња кои деновиве ми подарија топла прегратка, убава насмевка и умни зборови,“ рече Дедо Мраз.
Во колку го остварат барањето на Дедо Мраз тој вети дека и вгодина повторно ќе дојде со големата торба во која се наоѓаат сите барани детски подароци./У.Ј